Цената на неказнивоста: Зошто сообраќајните несреќи во Македонија стануваат секојдневие?

Во Македонија секојдневно се случуваат сообраќајни несреќи – често со трагичен исход. Најмногу страдаат пешаците, а чувството на неказнивост ја продлабочува болката кај жртвите и нивните семејства. Возачи кои ги прекршуваат правилата, често поминуваат без соодветна санкција, а дел од нив повторно се враќаат на патиштата со исти или слични последици.

Еден од оние кои директно ја почувствувале цената на неказнивоста е Бојан Петровски. Пред пет години, тој го изгубил својот брат Оливер Петровски, кој бил прегазен додека се обидувал да премине улица на пешачки премин.

„Мојот брат, Оливер, беше убиен на 29 јули 2020 година, околу 14 часот, додека одеше на работа. Имаше само 25 години. За време на несреќата стоел на средина од улицата, на локација со поставен знак за пешачки премин и ограничување на брзина од 50 км/ч. Возачот кој го удрил се движел со недозволена брзина, престигнувајќи камион во левата лента, и го исфрлил телото на брат ми околу 40 метри. Тој почина на самото место“, раскажува Бојан. Иако сторителот признал дека возел во левата лента, вештачењата биле контрадикторни – прво утврдуваат брзина од над 100 км/ч, потоа ја спуштаат на 86, а на крајот на 79. „Наместо правда, добивме обид вината делумно да му се припише на брат ми, само за да се ублажи вината на сторителот – што, за жал, и се случи,“ вели Бојан.

Според него, ниските и несоодветни казни се главната причина поради која трагедиите се повторуваат. „Проценете сами – највисоката казна за сообраќајка со смртни последици во последните години е околу осум години затвор. Вообичаено, сторителите добиваат од 10 месеци до 2-3 години, понекогаш дури и условни казни. Тоа е показател за слабост и корупција во судството. Без функционален казнен систем, овие трагедии ќе продолжат да се случуваат“, истакнува тој.

Податоците од СВР Скопје покажуваат загрижувачка состојба на сообраќајната безбедност. Во последните три години, на подрачјето на Скопје се случиле над 2000 сообраќајни незгоди. На повеќе од 15 локации се регистрирани смртни случаи, што ги прави овие делници дел од т.н. црна мапа на градот. Особено се истакнуваат булеварите Партизански Одреди, Александар Македонски, Борис Трајковски, Ѓорче Петров, Гоце Делчев и 8-ми Септември, како и сервисните улици и автопатските делници А1, А2 и А4 во околината на Скопје, каде што се случиле најмалку 13 несреќи со жртви.

Како најчести причини за фатални сообраќајни незгоди се издвојуваат неприлагодена брзина, возење под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајна сигнализација. Еден од најдрастичните примери се случил на булевар Партизански Одреди, каде во рок од само десет дена, две различни сообраќајки ги погодиле малолетни деца кои преминувале на пешачки премин. Во една од несреќите, возачот бил под дејство на алкохол, а полицијата пристигнала со задоцнување од над еден час.

Во обид да се намали бројот на прекршувања, се најавува воведување на системот „Safe City“ – мрежа од камери што ќе следат прекршоци како брзо возење, незаконско паркирање и нерегистрирани возила. Се очекува системот да обезбеди поголема транспарентност и ефикасност во санкционирањето. Но, дури и со најсовремени технологии, предизвикот останува во судската пракса. Благи казни, селективна правда и нефункционални институции го подриваат секој обид за реформа. Сѐ додека не се надминат овие слабости, јавноста ќе остане со чувство на неправда и недоверба во системот.

Од МВР информираат дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај постапува согласно претходно изготвен годишен план, преку зајакнати и републички акциски контроли се преземаат мерки согласно Закон за БПС и Закон за возила, како и зголемување на присуство на полициски службеници и патроли на критични локации со организирање на акциски контроли на одделни делови од град Скопје, како и на територија на цело Скопје, со цел зголемување на безбедна состојба во сообраќајот и намалување на бројот на незгоди.

Како антитеза на погоре кажаното ќе ги наведеме последните случаи на булеварот Партизански Одреди, каде што во рок од само десет дена – на истото место, кај трговскиот центар „Антико“ – се случија две различни сообраќајни несреќи во кои беа повредени малолетни деца кои преминувале на обележан пешачки премин. Возачот во една од несреќите бил под дејство на алкохол, а полицијата пристигнала дури по еден час, што дополнително ја разгоре јавната огорченост.

И покрај тоа што локалното население со години наназад алармира за небезбедноста на оваа локација, вклучително и преку повеќекратни барања за поставување дополнителна сигнализација, реакција изостанува. Во 2023 година била испратена и официјална петиција со оригинални потписи до Министерството за внатрешни работи и до Град Скопје, на која никогаш не било одговорено. Овој случај е само еден во низата примери што го откриваат системскиот проблем – нефункционалноста и неажурноста на институциите, кои реагираат доцна или воопшто не реагираат, дури и кога станува збор за безбедноста на деца.

По последната несреќа, граѓаните најавија ново барање за итна интервенција, но довербата дека институциите ќе преземат конкретни мерки е сè помала – делумно поради досегашното игнорирање на предупредувањата, а делумно и поради општата перцепција дека реакцијата доаѓа дури откако ќе се случи трагедија.

Согласно анализите од претходните години, таму каде што е констатирано непочитување на сообраќајни правила, преку претходно изготвени планови и зајакнати акциски контроли, е зголемено присуството на полициски службеници и патроли. Главните прекршувања кои се бележат се брзо возење, недавање првенство на минување, управување под дејство на алкохол и недозволено паркирање. За истите, се преземаат мерки преку зголемено присуство на полициски службеници и мотопатроли.

Сообраќајна полиција во последните месец и половина по убиството на Фросина Кулакова, навистина врши зачестени проверки на главните сообраќајници, ама да видиме овој тренд до кога ќе трае и дали ќе има промени во казните кон нив.

Министерството за внатрешни работи, исто така, континуирано учествува во едукативни и превентивни кампањи со цел зголемување на сообраќајната култура кај сите учесници – возачи, велосипедисти, пешаци, мотоциклисти. Се организираат и сообраќајни поуки за различни категории учесници во сообраќајот, како и акциски контроли и репресивни мерки за секојдневни прекршоци, информираат оттаму.

Трагедијата на семејството Петровски, како и статистиките што алармираат, укажуваат на итна потреба од системски промени. Време е државата да престане да ги третира животите на граѓаните како колатерална штета на нефункционалноста. Бојан Петровски, преку својата болка, ја пренесува најважната порака – не е доволно да жалиме, мораме да дејствуваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни