Потегот ја зголеми геополитичката неизвесност и ги ублажи стравувањата од растечки глобален вишок на сурова нафта.
Фјучерсите на нафтата „брент“ се зголемија за 99 центи, односно 1,68 проценти, и достигнаа 59,91 долар за барел, додека американската нафта WTI порасна за 93 центи, исто така за 1,68 проценти, на 56,20 долари за барел.
Растот на цените беше делумно ограничен од зголемените залихи на горива во САД. Нафтата во вторникот се затвори близу петгодишно најниско ниво, по сигналите за напредок во мировните разговори меѓу Русија и Украина. Потенцијален мировен договор би можел да доведе до олеснување на западните санкции кон Москва и зголемување на понудата на пазарот, во услови на слаба глобална побарувачка.
Трамп во вторникот нареди блокада на сите санкционирани танкери поврзани со Венецуела, оценувајќи ја администрацијата на претседателот Николас Мадуро како странска терористичка организација. Венецуелската влада ја отфрли изјавата, оценувајќи ја како „гротескна закана“.
„Ризиците поврзани со Русија се веќе вградени во пазарот, но постојат јасни ризици за снабдувањето со венецуелска нафта“, изјави аналитичарот на ING, Ворен Патерсон.
Сè уште не е јасно колку танкери ќе бидат опфатени со блокадата, ниту како САД ќе ја спроведат мерката, вклучително и дали ќе се користи крајбрежната стража, како во неодамнешниот случај на запленет танкер во близина на Венецуела. Во последните месеци, САД испратија и воени бродови во регионот.
Иако многу бродови што превезуваат венецуелска нафта се под санкции, дел од испораките преку Иран и Русија не се санкционирани. Танкерите ангажирани од „Шеврон“ продолжуваат да транспортираат венецуелска нафта кон САД врз основа на претходно одобрение од Вашингтон.
Според податоците на аналитичарската куќа „Кплер“, Венецуела учествува со околу еден процент од глобалното производство на нафта, при што најголем дел од извозот е концентриран кај мал број купувачи, меѓу кои Кина, САД и Куба. Кина е најголемиот купувач на венецуелска сурова нафта, која сочинува околу четири проценти од нејзиниот вкупен увоз.
Во меѓувреме, податоците на Американската агенција за енергетски информации (EIA) покажаа дека залихите на сурова нафта во САД минатата недела се намалиле за 1,3 милиони барели, на 424,4 милиони барели, што е нешто повеќе од очекувањата на аналитичарите. Сепак, залихите на бензин пораснале за 4,8 милиони барели, а на дестилати, вклучително дизел и масло за греење, за 1,7 милиони барели, повеќе од прогнозираното.
И покрај очекувањата за појава на вишок нафта веќе од следниот месец, аналитичарите предупредуваат дека сезонскиот пад на понудата и невообичаено високата активност на американските рафинерии би можеле да го забават тој процес.
Извор: Reuters
