Цената на нафтата расте, берзите паѓаат по американските напади врз ирански нуклеарни објекти

Како реакција, цената на нафтата од типот Брент порасна за 1.53%, достигнувајќи 78.19 долари по барел, додека WTI порасна за 1.48% – на 74.93 долари по барел

Цените на нафтата се зголемија, а глобалните берзи забележаа пад, додека инвеститорите реагираа на воздушните удари на САД врз ирански нуклеарни цели. По нападите што САД ги изведоа во текот на викендот врз три ирански нуклеарни и воени локации, Иран и Израел и понатаму разменуваа ракетен оган утринава.

Како реакција, цената на нафтата од типот Брент порасна за 1.53%, достигнувајќи 78.19 долари по барел, додека WTI порасна за 1.48% – на 74.93 долари по барел.

Паѓаат и американските и азиските берзи

S&P 500 фјучерси паднаа за 0.13% (на 6.010,25), Dow Jones изгуби 0.2% (на 42.431,00) и Nasdaq падна за 0.18% (на 21.804,50)

Во Азија: Nikkei 225 во Токио: –0.19%, Kospi во Сеул: –0.3%, S&P/ASX 200 во Австралија: –0.37%

Сепак, Хонгконгшкиот Hang Seng (+0.35%) и Шангајскиот композитен индекс (+0.13%) беа во пораст.

Страв од блокада на Хормускиот Теснец

Напнатоста расте поради стратешката важност на Хормускиот Теснец, преку кој се пренесува голем дел од светската сурова нафта. Инвеститорите стравуваат дека Иран би можел: да постави мини во теснецот, да нападне или заплени танкери или да таргетира нафтени објекти во соседните земји.

Некои нафтени бродови, како Coswisdom Lake и South Loyalty, направија „полуобрти“ во теснецот според податоци од Bloomberg.

Иако ризикот е реален, аналитичари сметаат дека целосна блокада е малку веројатна, бидејќи Иран и сам го користи теснецот за извоз на нафта, најмногу кон Кина – клучен приход за режимот.

Политички реакции: Иран против „булењето“, Трамп за промена на режим

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека „земјата никогаш нема да се предаде на булењето и угнетувањето“. Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи отпатува во Москва на итни разговори со Владимир Путин.

Од Вашингтон, претседателот Доналд Трамп ја разгори атмосферата, сугерирајќи можност за промена на режимот во Иран, велејќи на Truth Social:

„Ако актуелниот ирански режим не може да ја направи Иран повторно голема – зошто да нема промена на режим?“

Но, вицепретседателот Џеј Ди Венс претходно изјави дека администрацијата не бара промена на режимот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни