За првиот тарифен блок цената се зголеми за 0,68%, вториот за 0,9%, третата тарифа за 1,93%, а четвртиот блок за 2,24%. Според Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), едно просечно домаќинство со сметка од околу 2.300 денари ќе плати за 21 денар повеќе по новите тарифи.
Со новите цени, ниската тарифа, позната како евтина струја, изнесува 1,97 денари за киловатчас. Повисоките тарифни блокови се движат од 4,43 денари (блок 1) до 18,3 денари (блок 4), додека мрежарината за пренос на електрична енергија за сите блокови е 2,14 денари за киловатчас.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека Северна Македонија има најниска или меѓу три најниски цени на електрична енергија во Европа, повикувајќи се на податоците на Евростат. Сепак, последните ажурирани податоци од Евростат се од втората половина на 2024 година, а за Северна Македонија нема информации ниту за таа година, ниту за 2025 година. Тоа ја остава отворена дилемата за конкретната споредба со другите европски земји.

Според податоците за 2024 година, просечната цена за киловатчас електрична енергија во Македонија изнесувала 0,0943 евра (5,8 денари). За споредба, цените во соседните земји биле:
- Албанија – 0,0929 евра (5,71 денар)
- Црна Гора – 0,0894 евра (5,49 денари)
- Србија – 0,0783 евра (4,81 денар)
- Босна и Херцеговина – 0,0724 евра (4,45 денари)
- Косово – 0,0659 евра (4 денари)
Ако се спореди со некои земји-членки на ЕУ, како Унгарија, просечната цена била 0,0861 евра за киловатчас, што е пониско од цената во Македонија, Албанија и Црна Гора.
Според податоците на Евростат, највисоки цени на струјата во ЕУ во втората половина на 2024 година имале Германија (0,3943 евра), Данска (0,3763 евра), Ирска (0,3699 евра) и Белгија (0,3313 евра). Најниските цени биле забележани во Унгарија (0,1032 евра), Бугарија (0,1217 евра) и Малта (0,1301 евра). За германските домаќинства, трошокот по киловатчас бил 37% над просечната цена во ЕУ, додека домаќинствата во Унгарија, Бугарија и Малта плаќале помалку од половина од просечната цена во ЕУ.

Дневната флуктуација на цените на електричната енергија ја потврдуваат и податоците од компанијата „Електромрежа Србије АД Београд”, која управува со националниот преносен систем за електрична енергија. На пример, на 14 август 2025 година, денот кога Мицкоски ја даде својата изјава, просечните дневни цени во регионот биле:
- Северна Македонија – 100,14 евра за MWh
- Грција – 99,67 евра за MWh
- Романија – 100,25 евра за MWh
- Бугарија – 102,34 евра за MWh
- Србија – 102,55 евра за MWh
- Хрватска – 104,90 евра за MWh
- Словенија – 106,03 евра за MWh
- Унгарија – 108,83 евра за MWh
- Црна Гора – 126,56 евра за MWh
Иако овие податоци покажуваат дека Северна Македонија имала една од пониските цени на струјата на одреден ден, тие не можат да се користат како основа за годишна споредба.
Истото важи и за периодот од 2022 до 2024 година, кога цената на струјата претрпела само минимални корекции, пред доаѓањето на сегашната Влада. Според достапните податоци, не е јасно од каде премиерот Мицкоски ги црпи бројките што го потврдуваат тврдењето дека Македонија има најниска или меѓу три најниски цени на електрична енергија за домаќинствата во Европа.

Во секој случај, граѓаните во Северна Македонија се соочуваат со цени кои се споредливи со некои од соседните држави, но податоците покажуваат дека нашата земја не е меѓу најевтините во регионот кога се земе предвид просечната цена на киловатчас.
Извор: Мета.мк