Студентите, кои повеќе од 2 месеци протестираат во Србија барајќи кривична и политичка одговорност за несреќата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 луѓе, утре ги повикуваат сите граѓани на генерален штрајк. Терминот „генерален штрајк“ овде се однесува на општа граѓанска непослушност“, велат студентите.
„Не одете на работа во петок“. Разговарајте со вашите колеги за да организирате прекин на работата на работните места. Што ако се плашам од работодавецот? Земете слободен ден. Отворете боледување. Дарувајте крв“.
Тие на официјалната страница на Инстаграм профилот „Студенти на Технолошко-металуршкиот факултет“ објавија што значи генералниот штрајк и како во него можат да се вклучат граѓаните на Србија. Студентите, истовремено, на работодавачите им порачаа на своите вработени да им дадат слободен ден и да ги откажат сите состаноци.
Во повикот тие потсетија и на нивните барања: Објавување на комплетна документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на кривичната пријава за студентите коишто беа уапсени и приведени на протестите, прекинување на покрената кривична постапка, гонење на одговорните за нападот врз студентите и професорите, како и нивно разрешување доколку се утврди дека се на јавни функции и зголемување на буџетот за високото образование за 20 проценти“.
Марио Рељановиќ, научен соработник на Институтот за трудово право од Белград вели дека законот за штрајк од 1996 година, во себе има многу недоречености. Според законот, одлуката за стапување во генерален штрајк ја носи највисокиот синдикален орган, но не пишува на кој синдикат се мисли, ниту пак што се случува ако има повеќе репрезентативни синдикати и дали тие мора да дејствуваат заедно или секој од нив може поединечно да повика на генерален штрајк. Особено е нејасно, додава Рељановиќ што ќе се случи ако нема синдикален повик за генерален штрајк, туку тоа произлегува од некое пошироко општествено движење, како што е во моментов во Србија.
Во меѓувреме, во Белград се појавија транспаренти со натпис „Одговор на српскиот народ на обидот за обоена револуција“ со илустрација на црвена рака на која се гледа средниот прст. Црвениот отпечаток од рака е еден од симболите на протестите организирани во Србија по падот на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица. Со таа порака демонстрантите им порачуваат на властите дека во таа трагедија им се „крвави рацете“.
За потсетување, студентите блокираат повеќе од 60 факултети низ Србија. Поддршка за нивните барања добија од Адвокатската комора на Србија со одлука за тридневен прекин на работата, од ректорот на Универзитетот во Белград, како и од врвни спортисти, уметници.
За време на протестите, јавноста беше сведок на физички напади, омаловажувања, приведувања и апсења на студентите. Најгроморозниот настан беше прегазувањето на студентката Соња Поњавиќ. На 16-ти овој месец, додека студентите одржуваа 15-минутно молчење, во толпата влета возач со својот автомобил. По ударот, возачот продолжи да вози, носејќи ја Соња неколку метри на покривот од автомобилот.
Од друга страна, владините претставници тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да се вратат во факултетите. Во неколку наврати дури и упатија и закани кон нив, велејќи им дека „им завршил медениот месец“.
За несреќата во Нови Сад, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември минатата година поднесе обвинение против 13 лица. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура железнице Србија“ Јелена Танасковиќ. 10 обвинети се во притвор, Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.