Cyberpunk Tokyo во Скопје: ПАГОДА ја претстави книгата „DYSTOKYO“ на Симон Калајџиев и Зориа Петкоска К.

Книгата „DYSTOKYO“, објавена во Токио во декември 2024 година, оригинално напишана на англиски јазик, ги содржи делата на македонските автори Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева

На 9 мај, во креативниот простор Base24 во Скопје, се одржа промоцијата на книгата „DYSTOKYO“ во организација на здружението ПАГОДА — четиричасовен вечерен настан што на уникатен начин ги спои уметноста, технологијата и поезијата во едно мултијазично и мултимедијално доживување.

Атмосферата на настанот беше полна со позитивна енергија и весели реакции, а бројните позитивни коментари и споредби со настани од светски калибар само го потврдија неговиот успешен импакт.

Книгата „DYSTOKYO“, објавена во Токио во декември 2024 година, оригинално напишана на англиски јазик, ги содржи делата на македонските автори Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева, кои веќе десет години живеат и творат во јапонската метропола.

Скопската промоција на „DYSTOKYO“ се случи преку изложба и инсталации на glitch art и cyberpunk поетска програма. Glitch делата на Калајџиев, како и визуелна поезија  со интервенции на CDа, флопи дискови и слично, заеднички дела сo Зориа,  беа претставени во три форми: како физички печатени изданија, како анимирани проекции на платна, и на екрани од стари компјутери — дел од инсталација создадена со поддршка на иницијативата „Донирај Компјутер“, кои љубезно ги позајмија уредите и придонесоа за пластично претставување на технолошка историја и создавање на атмосфера на дигитална дистопија.

Поетската програма се одвиваше на несекојдневен и неформален начин — во џакузито на Base24 — под glitch проекција, каде се одржа панел-дискусијата CHATROOMкоја ја водеше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и самите автори Петкоска Калајџиева и Калајџиев. Потоа следеше поетското читање WORDBATH на пет јазици: јапонски, корејски, кинески, англиски и македонски.

Преводи подготвија:

  • Џордан А. Ј. Смит, професор на Универзитетот во Калифорнија (јапонски)
  • Спас Рангелов, професор на Универзитетот Ханкук, Сеул, Јужна Кореја (корејски)
  • Софија Јуан Ма, хонорарен преведувач (кинески)
  • Зориа Петкоска К. (македоски)

Поезија читаа:

  • Чие Нагашима (јапонски)
  • Стефанија Зафировска (корејски)
  • Сузана Недевска (кинески)
  • Џулија Масети (англиски)
  • Зориа Петкоска К. (англиски и македонски)
  • Ана Голеjшка (македонски)
  • Александра Спасеска (македонски)

За музиката беше задолжен Марко Николов – член на ПАГОДА – кој со својот внимателен музички избор ја подигна атмосферата и го исполни амбиентот. Настанот доби дополнителна доза мистерија и забава благодарение на специјалното изненадување: Cyber Гатач со Љупчо Нечовски, кој интерактивно комуницираше со публиката и придонесе за креирање cyberpunk амбиент од поп-културата како филмови и видео игри.

DYSTOKYO не само што претставуваше дебитантска промоција на книга во организација на ПАГОДА, туку и постави нов стандард за тоа како современиот културен израз може да изгледа – инклузивен, технолошки, поетски, креативен и исклучително жив.

Книгата ќе биде достапна во макеоднските кафе-книжарници „Буква“ и „Шума“, а ќе може да се направи и преку организацијата ПАГОДА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни