ЦСУ – Скопје објави повик за поддршка на локални иницијативи во заедниците

Поддршката е наменета за културни и развојни иницијативи во помали населени места, со рок за аплицирање до 28 февруари

Центар за современи уметности – Скопје објави јавен повик за поддршка на локални иницијативи што ќе се реализираат во првата половина на 2026 година, наменети за заедници низ целата држава, со посебен акцент на села и населени места со помалку од 15.000 жители.

Повикот е отворен за неформални групи, месни заедници, невладини организации, локални уметници, граѓански иницијативи, како и формални и неформални локални друштва. Како локални иницијативи се дефинираат културни, развојни и проблемски ориентирани активности од кој било дел на земјата, кои имаат за цел да го охрабрат граѓанското учество, самоорганизацијата и создавањето на настани, акции или програми на ниво на заедница.

Од ЦСУ – Скопје посочуваат дека иницијативите треба да придонесат кон внатрешен развој на заедниците, препознавање и презентација на нивните потенцијали, како и поттикнување на граѓаните активно да работат на унапредување на локалната видливост, препознатливост и културен развој.

Поддршка ќе добијат иницијативи кои го поттикнуваат граѓанското учество и самоорганизацијата, создаваат локални настани, акции или програми, ги активираат потенцијалите на заедниците и придонесуваат кон одржлив локален развој. Избраните иницијативи мора целосно да се реализираат најдоцна до август 2026 година.

ЦСУ – Скопје ќе поддржи најмалку две локални иницијативи со финансиски износ до 50.000 денари по иницијатива. Покрај финансиската поддршка, Центарот обезбедува и логистичка, стручна и техничка помош, како и покривање на трошоците за реализација. Подносителите се охрабруваат да обезбедат и дополнителни материјални или нематеријални средства од други извори.

Рокот за аплицирање е 28 февруари 2026 година. Пријавата е достапна на веб-страницата www.cac.org.mk, а целосно пополнетите апликации треба да се испратат по електронска пошта на адресата scca@scca.org.mk.

По завршувањето на рокот за аплицирање, ЦСУ – Скопје ќе изврши селекција на иницијативите кои ќе добијат поддршка и ќе ги информира избраните апликанти за понатамошните чекори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни