Мирослав Марина, автор и фотограф

Црно – бели фотографии за обоен живот

Тоа што на овие години се уште активно сликам го сметам за мој најголем успех

Денес во градската кафеана „Пелистер“ со почеток во 13 часот ќе се одржи промоција на книгата „Црно-бело“ од авторот и фотограф Мирослав Марина. Промоцијата е дел од фестивалот Скопско лето, а промотор на книгата ќе биде познатиот фотограф Александар Кондев. Книгата претставува еден личен запис за половина век посветен на фотографијата од фотографот Мирослав Марина. Авторот се занимава со фотографија речиси целиот работен век со различен интензитет. Со особен интерес ги фотографира човечките ликови во нивната природна средина, со нивните секојдневни активности, обработени со црно-бела техника.

Фотографиите застапени во книгата го следат развојот на фотографијата преку развивање на црно-бели филмови и изработка на копии, па се до дигиталните фотоапарати и компјутерска обработка.

„Вообичаено не сум многу заинтересиран за промовирање на моите фотографии – сликањето и обработка на снимката ми е доволно – се додека не се појавив на изложбата Три автори, која беше поттикната од мал инает. Имено,  сакавме да покажеме дека и на зрели години постои силна желба за активно творење.  Тогаш кај семејството и пријателите се јави идејата за издавање колекција од избрани фотографии. Дотогаш, во текот на многу години се собраа многу албуми со фотографии и само заземаа место на полиците. Со книгата дадов еден пресек на моите активности во текот на над педесет години.

Прашувате кој е мојот најголем успех. Јас секојдневно, кога се движам низ градот ловам можни мотиви, а благодарение на развојот на фотографската технологија, со себе носам мал дигитален апарат, но со големи можности и по потреба сликам. Тоа што на овие години се уште активно сликам го сметам за мојот најголем успех.     

Мојот главен мотив се луѓето – нивните ликови, карактери и други карактеристики е она што го барам низ објективот. Тоа е јасно видливо во книгата во која 90% зафаќаат портрети – чисти или во амбиент. Се разбира, попат ловам и други мотиви, но човечките ликови имаат предност“, изјави авторот и фотографот Мирослав за читателите на Трн.  

Трн: Што е пресудно за да се направи добра фотографија, светлото, климатските услови, аголот?

Мирослав: Светлината е основниот услов за добра снимка. Се разбира, има уште безброј други предуслови, но овој е основниот. Но, не треба да заборавиме дека техниката е само алатка, а фотографијата – добра или лоша – е во нашиот мозок.  

Трн: Дали имате фотографија која нема цена?

Мирослав: Фотографијата е момент во времето кој се јавува само еднаш и потоа го нема. Затоа, сите фотографии за кои сметам дека се доволно успешни да ги меморирам, немаат цена. Тие се неповторливи.

Трн: На кој начин одлучувате дали црно бела фотографија или колор? 

Мирослав: Црно белата фотографија е мојот генерален избор во текот на сите децении на моето дружење со фотоапаратот. Сметам дека градацијата на црни и сиви тонови ги задоволува моите барања.

Трн: Што сакате да уловите кога фотографирате луѓе, која емоција?

Мирослав: Кога  им пристапувам на луѓето со прашање дали може да ги фотографирам , прво се насмевнуваат и јас веднаш ги сликам, иако тоа не е она што го посакувам. По првата снимка се опуштаат и тогаш барам да ме гледаат без насмевка, да бидат сериозни. Со тоа веќе се откриваат вистинските личности и карактерни особини. Тогаш на брзина правам  три до четири фотографии и редовно од нив ги избирам најдобрите за понатамошна обработка. Како што гледате тука нема време за некакво позирање и  местење затоа што личноста бргу се созема и ја снемува искреноста и спонтаноста,  а го губи и интересот. Поретко, доколку има време за мал разговор, ликот се опушта и овозможува нови снимки. Во најголем број случаи првите неколку снимки се се што добивам. 

Спонтаноста кај ликот тешко се добива и бргу се губи и најчесто морам бргу да реагирам со сликањето.  Неретко, поради брзање снимката е технички неисправна и неупотреблива.   Голем број  потенцијално добри фотографии така се упропастени, но тоа е дел од ваквиот начин на сликање.  Ако имам можност и прилика, наредниот или некој друг ден се враќам и повторно се обидувам. 

Трн: Секоја фотографија носи своја приказна, може ли да се фати суштината на човекот, душата, преку фотографија?

Мирослав:  Навистина, секоја успешна фотографија носи своја приказна и затоа во мојата книга, со секоја фотографија давам неколку реченици коментар, зошто сметам дека на тој начин ликот добива нова, поширока димензија, а често се отвора можност за нова приказна. 

Трн: Го носат ли црно белите фотографии колоритот на животот?

Мирослав: Денес може да се каже дека фотографирањето стана многу демократска активност, со оглед  дека средствата за сликање се широко достапни.  Дигиталните апарати стануваат се помали, а нивните можности се поголеми. Исто и мобилните телефони нудат солидни можности за фотографирање. Сепак, сите тие можности се само алатки . За успешна фотографија е неоходно активно вклучување на  комплетната личност на фотографот, со сето негово искуство и надградба, бидејки да не заборавиме дека фотографијата се формира во нашиот мозок.  А прашањето дали црно бела или колор фотографија, е само прашање на личен избор. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни