Црногорската полиција разби мрежа на проруски платеници во акцијата „Луганск“

Во голема координирана операција се уапсени 12 лица, запленети експлозиви, оружје, униформи и материјали поврзани со проруски паравоени организации на Балканот.
Запленето оружје од страна на полицијата
Photo: Crnogorska policija

Црногорската полиција разби мрежа на проруски платеници осомничени дека учествувале во борбите на руската страна во Украина, објавија подгорички медиуми. Централна фигура во случајот е Данко Савиќ, државјанин на Босна и Херцеговина со постојан престој во Црна Гора, кај кого истражителите откриле 1,5 милиони евра, за кои се верува дека се стекнати за време на неговиот ангажман во руските воени формации.

Савиќ е уапсен во продолжението на акцијата со кодно име „Луганск“, а при претресите на негови и други поврзани локации во Даниловград, Никшиќ и Подгорица, полицијата пронашла значајна количина опасен материјал: 12,2 килограми експлозив, повеќе десетици парчиња муниција од различен калибар, опрема за ноќно набљудување, радиостаници, сигнален пиштол и делови од оружје.

Во рамки на истата операција се запленети и 24 парчиња огнено оружје, над 1.000 куршуми, ножеви, сабји, бајонети, униформи, шлемови, панцири, комуникациски уреди, SIM-картички и знамиња со паравоени симболи. Полицијата пронашла и документација што упатува на поседување значителна имотна вредност, како и легитимации од „Црногорското козачко братство“, некои со различни имиња.

Според материјалните докази, Савиќ учествувал во странски вооружени структури во состав на Руската Федерација во регионот на Лугањск во периодот од почетокот на 2023 до почетокот на 2025 година. Истражителите сметаат дека токму во тој период ги стекнал спорните средства од 1,5 милиони евра.

Ова не е првпат Савиќ да биде уапсен. Во јуни 2025 година, во неговиот дом биле пронајдени 12 килограми експлозив спакувани во облик на појас, по што добил кривична пријава за недозволено држење оружје и експлозив.

Медиумите од регионот откриваат дека тој е поранешен припадник на Војската на Југославија и јавно се претставувал како атаман, односно козачки командир, поврзан со Балканската козачка војска — организација што има врски со Централната козачка војска на Русија, блиска до претседателот Владимир Путин.

Црногорската телевизија Е објави дека акцијата „Луганск“ била спроведена во координација со две разузнавачки служби од НАТО-системот. Истите извори наведуваат дека полицијата претресувала објекти на лица поврзани со „Балканска козачка војска“, „Црногорско-козачко братство“ и „Ноќни волци“, познати по своите проруски активности.

Овие организации, според медиумите, имаат и силни врски со Српската православна црква, што се потврди и за време на устоличувањето на митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Јоаникије Миќовиќ, во септември 2021 година, кога членови на овие групи учествувале во обезбедувањето на манастирот на Цетиње.

Црногорските власти најавуваат продолжување на истрагата, а оперативните податоци укажуваат дека активностите на групата се дел од поширока мрежа на проруски платеници на Балканот. Савиќ, како атаман на Балканската козачка војска, се поврзува и со здружението „Сојуз доброволци на Донбас“, организација која веќе подолго време е на радарот на западните безбедносни служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни