Црна Гора би можела да ги заврши преговорите со ЕУ до крајот на 2026 година

Најновиот извештај на Европската комисија е најповолен досега – Брисел ја оценува Црна Гора како најподготвена земја кандидат за членство во Европската Унија.

Црна Гора доби најпозитивен извештај за напредокот во евроинтеграциите откако ги започна пристапните преговори со Европската Унија. Во документот што го претстави Европската комисија во Брисел се наведува дека земјата постигнала значителен напредок и би можела да го заврши процесот до крајот на 2026 година, доколку го задржи тековното темпо на реформи.

Шефицата на европската дипломатија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е најподготвена од сите кандидатки за членство во ЕУ, додека комесарката за проширување Марта Кос најави дека наскоро би можеле да започнат подготовки за потпишување на Договорот за пристапување.

Според европскиот амбасадор во Подгорица, Јохан Сатлер, извештајот е „најдобар до сега“, но следните 14 месеци ќе бидат пресудни, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Премиерот Милојко Спаиќ изјави дека извештајот е „најпозитивниот до сега“, нагласувајќи дека земјата има напредок во 18 од 33 поглавја и дека препораките од Брисел се „патоказ за Владата и Парламентот“.

Иако Црна Гора останува предводник на евроинтеграциите во регионот, извештајот потсетува дека земјата мора да обезбеди повеќе судски пресуди во случаи на висока корупција, да именува судии на Уставниот суд и да ја заврши изборната реформа.

Во владата веруваат дека, доколку преговорите се завршат навреме, Црна Гора би можела да стане членка на ЕУ до 2028 година. Каја Калас оцени дека влезот на нови земји до 2030 година е реален, но предупреди дека идните членки може да имаат „пробен рок“ за да се избегне појава на „тројански коњи“ во Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни