Купишта пластичен отпад, градежен шут, дрвја, грмушки и разни отпадоци значително ги влошиле последиците од обилните дождови кои предизвикаа катастрофални поплави во неколку делови на земјата. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) посочуваат дека отпадот во речните корита спречил нормален проток на вода, што довело до излевање на реките и поплавување на домови и земјоделски површини.
Покрај отпадот, нелегалните и самоволни градби во речните корита — често без одобрување и надвор од урбанистички планови — создаваат дополнителни пречки за протокот на водата. ЦУК потенцира дека редовно одржување на речните корита и соодветна регулација се од клучно значење за превенција од такви природни катастрофи, но дека овие активности често не се спроведуваат по планот.
Според извештаите, најкритична беше состојбата во региони како Кичево, Гостивар, Липково и Сарај, каде водостојот доведе до поплавување на домови и земјоделски површини, а голем број семејства останаа без живеалишта и беа привремено сместени во спортски сали. Владините и локалните институции најавија активности за санација и подобрување на инфраструктурата за намалување на ризикот од идни поплави.