Conquering Lion со промотивен концерт на „One World“

Тетовскиот реге-бенд на 21 март во Public Room ќе го претстави својот шести студиски албум, со кој испраќа порака за љубов, единство и отпор.

Тетовскиот реге-бенд Conquering Lion ќе го промовира својот нов албум „One World“ со концертен настап во Public Room во Скопје, на 21 март (сабота). Концертот ќе биде прва поголема можност албумот да се слушне во форматот во кој овој бенд има најмногу смисла – во живо.

Conquering Lion припаѓаат на онаа ретка група бендови што не се сведуваат на добра снимка, туку целосно се разбираат дури кога ќе ги слушнеш на сцена. Нивниот звук функционира како колективен чин: стабилен грув, вокал што води без да доминира и ритам што носи порака без потреба од големи пароли. Токму таков пристап го носи и „One World“, шестиот студиски албум на бендот, објавен во октомври 2025 година.

Албумот испраќа јасна порака за љубов, единство и отпор во време на поделби, но без декларативен активизам. Наместо тоа, фокусот е ставен на секојдневните избори, свесноста и истрајноста – теми што Conquering Lion ги градат со години како дел од својот музички и животен став. Дел од материјалот веќе беше претставен и преку live-студиската изведба на песната „Little Things“, снимена во нивното студио Lion’s Den, во продукција на Трн, како јасна изјава за нивниот органски и искрен пристап.

Историјата на бендот започнува во 2007 година во Тетово, а низ годините Conquering Lion израснаа од локален скејт и реге-колектив во бенд со меѓународна концертна биографија. Имаат настапувано низ Европа и делеле сцени со артисти како Manu Chao, Gentleman и Hornsman Coyote, како и на фестивали како InMusic, Таксират и Riding Higher. Нивниот пат од панк и хибриден звук до зрела new roots reggae формација е видлив и во „One World“, кој се смета за нивно најконзистентно и најчисто издание досега.

Промоцијата во Public Room ќе биде можност публиката да го доживее албумот не како финален производ, туку како жив процес – токму онака како што Conquering Lion го замислуваат регето: тивок, истраен отпор и простор за заедништво.

Влезниците се достапни во претпродажба по цена од 500 денари, во ограничен број.

Во еден разговор со Трн, Мане ни раскажа дека „One World“ не е само музички проект, туку манифест за човечност. „Повеќе мир, повеќе љубов, повеќе толеранција, повеќе разбирање меѓу луѓето… Ако тоа го разбереме, човештвото може да се насочи кон нешто покорисно – културно, духовно и човечки.“

Со овој албум, Conquering Lion покажува дека и од Тетово може да се создаде звук што патува далеку, но останува искрен кон своите корени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни