Есенското издание на Перформанс Платформа фестивал 2025 се затвора со CODOMESTICATION, уникатно дело што ја преиспитува врската меѓу уметноста, грижата и секојдневниот живот. Создаден првично од уметничкиот дуо Крот Јурак и Алекс Бејли заедно со нивното дете, перформансот денес се претставува преку локални адаптации како дел од турнејскиот концепт showing without going во рамки на проектот (M)others on Tour.
Во Скопје, Симона Спировска ќе го изведе делото заедно со своите деца, создавајќи интимна и истовремено колективна сцена која ја става грижата во центарот на изведувачкиот чин. Перформансот ја отвора дебатата за авторство, моќ и односот меѓу уметникот и негувателот – особено во контекст на културен сектор кој и понатаму функционира врз прекумерно производство и нестабилни услови за работа.
CODOMESTICATION предлага поинаков модел на создавање: уметност што произлегува од домот, од семејните односи и од заедничкиот ритам на живеење, наместо од постојана мобилност. Делото потсетува дека грижата е истовремено и работа, и креација, и кореографија – и дека токму таа треба да биде рамноправен дел од културниот пејзаж.
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата веќе две децении работи на подобрување на условите за уметниците, а преку Perform Europe и проектот (M)others on Tour продолжува да развива модели засновани на одржливост, инклузивност и грижа, вклучувајќи уметници што создаваат во контексти со ограничени ресурси.
Настанот ќе се одржи на 18 ноември во 19:00 часот во Театар за деца и младинци, со слободен влез, но бројот на места е ограничен. За присуство е потребна пријава на: lokomotivaskopje2015@gmail.com
