Компанијата пријави пад на нето добивката од дури 71%, но фокусот на јавноста беше пренасочен кон изјавата на Илон Маск дека ќе се повлече од функцијата во Министерството за ефикасност на владата (DOGE). Сепак, финансискиот извештај за првото тромесечје открива дека Tesla губи пари токму во својата основна дејност – продажба на автомобили.
Во првото тромесечје, Tesla оствари добивка од 409 милиони долари, но тоа е благодарение на продажбата на регулаторни кредити во вредност од 595 милиони долари на други автомобилски компании. Ако администрацијата на Трамп ги укине овие механизми, Tesla ќе остане и без овој извор на приходи.
Дополнително, новите царини што се разгледуваат на увозни делови може значително да ги зголемат трошоците, особено ако САД ги ограничат регулативите што ѝ овозможуваат на Калифорнија и други сојузни држави да поставуваат построги еколошки стандарди.

Конкуренцијата расте, а Tesla заостанува
Продажбата опаѓа на сите фронтови – и во Европа и во Кина, каде конкуренцијата станува се поагресивна. Во меѓувреме, BYD од Кина наскоро може да ја престигне Tesla по глобална продажба на електрични возила.
Политичките ставови на Маск, вклучувајќи ја поддршката на крајната десница како германската AfD, дополнително ја нарушуваат довербата во брендот. Дури и симпатизерите на Wall Street сега стравуваат дека штетата врз имиџот на Tesla би можела да биде долготрајна.
Маск, сепак, останува оптимист:
„Ова не е една од оние кризни ситуации. Имаме предизвици, но иднината на Tesla изгледа сјајно.“
Клучните бројки се алармантни
Маржата на добивка падна на 12,5%, што е најниска вредност од 2012 година, кога Tesla продаваше само 5600 возила годишно. Во 2022 година, Tesla имаше маржа од 30% и беше најпрофитабилниот автомобилски производител во САД, иако продаваше помалку возила од GM, Ford или Stellantis.
Но 2024 година донесе прв годишен пад на продажбата во историјата на Tesla, главно поради зголемената конкуренција и контроверзниот имиџ на Маск.
И покрај се, некои инвеститори сè уште веруваат во иднината на компанијата, особено во плановите за воведување на роботаксисти – автономни возила без возач.
Администрацијата на Трамп го поддржува развојот на роботаксисти
Министерството за транспорт најави нови рамки за автоматизирани возила, кои вклучуваат отстранување на „непотребни регулаторни пречки“. Тоа веднаш резултираше со скок на акциите на Tesla од 10%, иако ништо не гарантира дека автономната технологија ќе биде навреме подготвена или прифатена на пазарот.
Маск повторно најави дека роботаксистите ќе бидат подготвени „за една година“ – ветување што го дава веќе шест години по ред. Дури и самиот признава дека има тенденција да биде „претеран оптимист“ кога се работи за рокови.
Конкуренцијата се повлекува од автономното поле
GM и Ford се повлекоа од своите амбиции за роботаксисти поради големите трошоци и несигурниот профит. За разлика од нив, Маск сè уште верува дека автономните возила и хуманоидните роботи ќе ја направат Tesla највредната компанија во светот.
„Ова е тешка година,“ вели аналитичарот Џин Манстер, „но Tesla се подготвува за голем чекор напред во 2026 година.“