CNN открива: Македонија е дестинација која заслужува многу повеќе туристичко внимание

Планини, разновидна кујна, сончева клима и езеро кое одзема здив — CNN ја препорача Северна Македонија како дестинација која заслужува многу повеќе туристичко внимание.

Додека милиони туристи секоја година ги препополнуваат улиците на Париз, Барселона и Рим, постои земја во Јужна Европа која нуди речиси сè исто, само без гужвата, без опашките и без ценовниот удар. Таа земја е Северна Македонија.

Американскиот медиумски гигант CNN во својот неделен патнички билтен „Unlocking the World” овој викенд ја вброи Северна Македонија меѓу европските дестинации кои заслужуваат многу повеќе внимание. Пораката е јасна: Европа има 44 признати земји, а повеќето туристи посетуваат само три.

Што напиша CNN?

CNN ја опишува Северна Македонија како „драматично планинска дестинација директно северно од Грција” и ја истакнува нејзината природна убавина богати зелени падини и снежни врвови, но и нешто поретко споменувано во меѓународните медиуми а тоа е кујната.

Разновидноста на јадења на македонска трпеза, пишува CNN, се менува од долина до долина. Сончевата клима прави зеленчукот да биде крупен и сочен, а лозјата да раѓаат богати и изобилни вина.

Македонија, дестинација за оние кои бегаат од масовниот туризам

Текстот на CNN доаѓа во контекст на поширока приказна за промена на туристичките и емигрантски навики на Американците. Стручњаци за имиграција забележуваат сè поголем интерес од американски клиенти за преселба во помалку познати европски дестинации Романија, Бугарија, Словачка, Полска, Албанија, Естонија.

И Македонија е дел од таа слика.

Додека земји како Италија и Португалија ги затегнуваат имиграциските прописи, многу други места сè уште нудат привлечни можности за живот, работа и едноставно постоење на поубав и поспокоен начин.

Охридското Езеро на насловна страница

Текстот е придружен со фотографија на Св. Јован Канео, православната црква над Охридското Езеро, еден од најпрепознатливите визуелни симболи на Македонија и на целиот Балкан. Фотографијата e поставена на самиот врв на написот, пред сите останати теми. За земја која премногу ретко се наоѓа на радарот на светските медиуми тоа не е мала работа.

Можеби е крајно време и ние самите погласно да ја кажуваме приказната за земјата во која живееме. CNN почна на нас е редот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни