Десетици FBI интервјуа недостигаат од досиејата за Епстин

Повеќе од 90 записи од околу 325 интервјуа за Епстин не се појавуваат на страницата на американското Министерство за правда, меѓу нив и три поврзани со обвинувања против Доналд Трамп

CNN објави дека десетици интервјуа на Федералното истражно биро недостигаат од пакетот документи поврзани со случајот на Џефри Епстин, што минатиот месец го објави Министерство за правда на САД. Според анализата, повеќе од 90 записи од вкупно околу 325 интервјуа не се достапни на официјалната веб-страница.

Дневникот на докази, доставен до адвокатите на Гилејн Максвел, содржи сериски броеви за стотици интервјуа на сведоци водени од ФБИ. Меѓутоа, повеќе од четвртина од тие записи не се појавуваат во објавената документација, според увидот на CNN.

Меѓу недостапните документи се и три интервјуа поврзани со жена која тврди дека била злоупотребувана од Епстин од својата 13-годишна возраст и која истовремено го обвинила актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, за сексуален напад пред неколку децении.

Конгресменот Роберт Гарсија изрази сомнеж во обемот на објавените документи, поставувајќи прашање дали администрацијата целосно го испочитувала законот кој наложува објавување на досиејата поврзани со Епстин.

„Имаме жртва која изнесе сериозни обвинувања против претседателот. Но постои низа документи до кои немаме пристап“, изјави Гарсија за CNN.

Од Белата куќа ги отфрлија обвинувањата против Трамп како „лажни и сензационалистички“, посочувајќи на претходна изјава на Министерството за правда дека дел од документите содржат неосновани тврдења.

Епстин почина во затвор во 2019 година додека се соочуваше со обвиненија за сексуална трговија.

Останува отворено прашањето дали ќе следи дополнително објавување на документи или истрага за причините поради кои дел од интервјуата не се јавно достапни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни