CNN: Kонтроверзниот план за окупација на Газа има 5 фази – “Ќе го турне Израел во црна дупка!”

Нетанјаху го објави петфазен план за окупација на Газа, вклучувајќи разоружување на Хамас и враќање на заробениците. Генералите предупредуваат на хуманитарна катастрофа и долготраен конфликт.

Израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за „пораз“ на Хамас во Појасот Газа, соопшти кабинетот на премиерот. Планот ќе се спроведува во повеќе фази, пренесуваат медиумите.

Според неименуван израелски извор, чија изјава ја пренесува CNN, првата фаза предвидува евакуација на градот Газа и проширување на хуманитарната помош, со рок до 7 октомври 2025 година – датум со симболика, бидејќи токму тогаш се навршуваат две години од нападот што го изврши Хамас и кој го започна војниот конфликт.

Иако во почетокот хуманитарната помош значително ќе се зголеми, според друг израелски извор, таа нема да се дистрибуира во самиот град Газа со цел да се поттикне населението на евакуација.

Планот предвидува времетраење од пет месеци и се фокусира на преземање контрола само над градот Газа, без околните бегалски кампови – што претставува поограничен пристап во однос на целосна окупација на енклавата. Сепак, вклучува присилна евакуација на речиси половина од населението, а израелската војска веќе контролира околу 75% од територијата на Газа.

Генералите на израелската армија против окупација на градот Газа

Според израелските медиуми, постоел и алтернативен план во кабинетот, кој безбедносните министри со убедливо мнозинство го отфрлиле како неефикасен – оцениле дека ниту ќе доведе до пораз на Хамас, ниту до враќање на заробениците.

Тој план го предложил началникот на Генералштабот на Цахал (IDF), генерал-полковник Ејал Замир. Тој предупредил дека окупацијата на Газа може да го турне Израел во „црна дупка“ на долготрајна побуна, хуманитарна одговорност и зголемен ризик по таоците. Замир исто така укажал на опасноста од влошување на хуманитарната криза и меѓународните последици од ескалацијата на конфликтот, како и на ризикот за преостанатите 50 таоци, од кои се верува дека 20 сѐ уште се живи.

Наместо целосно заземање, тој предложил ограничена операција насочена кон опколување на градот Газа и други клучни области. Сепак, кабинетот го одбил неговиот предлог, а канцеларијата на Нетанјаху соопштила дека таков план „не би довел до пораз на Хамас, ниту до враќање на таоците“.

5 точки од планот на Нетанјаху

Канцеларијата на премиерот на платформата X објави дека безбедносниот кабинет со мнозинство гласови ги усвоил петте начела што тој ги нарече „принципи за завршување на војната“. Тоа се:

  1. Разоружување на Хамас
  2. Враќање на сите таоци – и живи и починати
  3. Демилитаризација на Појасот Газа
  4. Израелска безбедносна контрола врз Појасот Газа
  5. Воспоставување алтернативна цивилна администрација што не е ниту Хамас, ниту Палестинската самоуправа

Како започна војната во Газа?

Конфликтот повторно ескалираше на 7 октомври 2023 година кога Хамас изврши ненадеен и масовен напад врз Израел. Милинтантите ја пробија границата од Газа, влегоа во израелски населби и воени бази, и извршија ракетни напади врз неколку градови, вклучувајќи ги Тел Авив и Ерусалим. Во нападот беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 250 беа киднапирани и одведени во Газа како таоци.

Израел одговори со прогласување војна и започна обемна воена офанзива со цел уништување на инфраструктурата на Хамас и ослободување на таоците.

Од тогаш, војната во Газа трае без прекин. Во текот на 2023 и 2024 година, израелската армија спроведе низа копнени и воздушни операции што доведоа до големи разурнувања и цивилни жртви во Газа. Палестинската енклава се соочува со тешка хуманитарна криза – илјадници мртви, стотици илјади раселени и речиси целосно уништена инфраструктура. Истовремено, меѓународната заедница сѐ повеќе изразува загриженост поради бројот на цивилни жртви и блокадата што го ограничува пристапот до храна, вода и медицинска помош.

До август 2025, конфликтот влезе во продолжена фаза со повремени жестоки борби и постојани преговори за прекин на огнот, но без трајно политичко решение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни