Национален парк Шар Планина

Чистењето на Лисец

Шар Планина е еколошко срце на Македонија, а нејзиното зачувување е од витално значење за здравјето на природата, општеството и иднината на целиот регион
default

Национален парк Шар Планина претставува едно од најзначајните природни богатства на Македонија, прогласен за национален парк во 2021 година. Се протега низ северозападниот дел на државата, опфаќајќи високи планински врвови, длабоки долини и алпски пасишта, со вкупна површина од 62,705 хектари. Шар Планина е дом на две третини од растителниот свет во Македонија и живеалиште на многуброен животински свет.

Паркот се одликува со специфични гео-морфолошки елементи како што се глацијалните езера, длабоки клисури и стрмни карпести предели. Врвовите како Љуботен и Титов Врв се дел од овој планински масив, давајќи му драматичен пејзаж.

Шар Планина е дом на богата флора и фауна, со над 2000 видови растенија, од кои многу се ендемични. Се среќаваат и ретки животни како балканскиот рис, кафеавата мечка и златниот орел, што ја прави планината еден од биолошки најразновидните региони на Балканот. Паркот нуди широк спектар на спортски и туристички активности, вклучувајќи планинарење, алпинизам, скијање, велосипедизам и еко-туризам. Туристите често уживаат во природната убавина, локалната култура и традиционалната храна на планинските села.

Заштитата на Шар Планина е приоритет и обврска на државата, но и на сите посетители и локалното население. Одржливо користење на ресурсите, едукација и почитување на природата се клучни за зачувување на ова природно наследство за идните генерации.

Aнела Ставревска Панајотова, Национален Парк Шар Планина

-Се соочуваме со различни проблеми на терен, но ѓубрето е можеби најголем предзивик и проблем. Грдата слика што ги дочекува туристите и грдата слика што ги испраќа туристите. За жал, во многу од високопланинските села во различни општини, ама најмногу во општина Тетово, е дека не бил воведен систем со години за собирање, редовно собирање на отпад од домаќинствата. Тоа е едната слика, но и тие лоши навики на населението да дојдеш и го оставиш отпадот на ливадата по своето кампување е она со кое што ние како ренџерска служба се соочуваме. Најчесто сме обвинувани, нечисто ви е во паркот, но нашата основна дејност не е тоа. Основната дејност на паркот е заштита на природата и едукација – вели Aнела Ставревска Панајотова, раководител на одделението за заштита на природа во ЈУ Национален Парк Шар Планина.

Сања Русјакова, јуниор бренд менаџер на Скопско

Карактеристично за Националниот парк е што во него има 25 живи села и во паркот живеат околу 16-17.000 луѓе, а во Полошкиот регион уште многу повеќе. За сите овие луѓе, Шар Планина има најважна заштитна улога за да не чува од природни катастрофи како пожари, поплави, порои, ерозија, недостаток на вода, лавини, губиток на биодиверзитетот.

Дивата природа и културни особености ја прават Шар Планина не само природен бисер на Македонија, туку и потенцијален центар за одржлив развој, еко-туризам и зачувување на биолошката и културна разновидност. Токму тоа е дел од визијата за управување со Националниот парк, да биде зачуван и да биде една од најпосетуваните туристички дестинации во Европа. Ова не е само одговорност на НАционалниот парк, туку и на сите нас.

– Скопско веќе трета година во рамки на својата платформа Наша гордост наша одговорност се грижи за природните богатства низ целата наша земја. Оваа година нашиот фокус се планините. Имено, нашата земја во сумдесет и седум проценти е планинска земја, така да дефинитивно планините се нашето најголемо богатство за кое што ние треба да сме горди, меѓутоа истовремено и одговорни. Многу се битни овие акции пред сѐ за да ја средиме ситуацијата на терен, но и да вршиме едукација и да ја промениме свеста на граѓаните во иднина да се однесуваат одговорно и отпадот да го одложуваат таму каде што му е местото и секако да селектира- вели Сања Русјакова, јуниор бренд менаџер на Скопско.

Шар Планина има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров. Таа претставува еден од најзначајните „зелени коридори“ – природен мост што ги поврзува различните екосистеми и овозможува движење и опстанок на бројни животински и растителни видови.

Успешна заштита на Шар Планина е можна само преку активно учество на локалните заедници, вклучување и поддршка. Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни.

Шар Планина е еколошко срце на Македонија, а нејзиното зачувување е од витално значење за здравјето на природата, општеството и иднината на целиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни