Современи италијански филмски хитови пристигнуваат во „Синеплекс“ со бесплатни проекции

Современи италијански филмски хитови во Скопје: четири вечери, четири проекции, бесплатен влез за сите љубители на филмот
Ред за влез на филм
Cineplexx

По трет пат во Македонија се одржува филмската ревија „Cinema Made in Italy“, настан кој ја претставува модерната италијанска кино-сцена преку избор на најистакнатите филмови од изминатата година. Ревијата е организирана од Cinecittà, една од најважните европски институции за филмска и фотографска архива во соработка со Италијанскиот институт за култура во Белград и со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје.

Четири последователни вечери во „Синеплекс“ во Скопје ќе бидат посветени на делата на афирмирани и нови режисерски имиња, чии филмови оваа година го обиколија светот на фестивали и беа прикажани во престижни натпреварувачки програми. Публиката ќе има можност да ги проследи најновите италијански продукции кои со комбинација од современи теми, силни актерски интерпретации и уникатни естетики го одразуваат пулсот на модерната италијанска кинематографија.

Проекциите ќе се одржат во киното „Синеплекс“ во Сити мол, при што сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик. Влезот за сите проекции е бесплатен, со што ревијата станува достапна за пошироката публика и претставува ретка можност љубителите на европскиот филм да уживаат во најновите италијански остварувања на големо платно.

Ревијата започнува утре во 20 часот со филмот „Забранетиот град“ (2025) во режија на Габриеле Маинети. Наредната вечер е закажана проекцијата на „Три чинии“ (2025), а во петок ќе биде прикажан „Грабнувањето на Арабела“. На 13 декември, сабота, програмата ќе заврши со филмот „Една учебна година“ (2025), во режија на Лаура Самани.

Со ова четиридневно филмско искуство, скопската публика добива ретка можност непосредно да ја почувствува свежината на италијанското авторско кино и да се запознае со нови тенденции во европската филмска уметност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни