Вториот ден од 24. CINEDAYS, Фестивалот на европски филм – ја отвора официјалната натпреварувачка програма, која традиционално претставува срцето на фестивалот. Годинава, филмови од Европа и регионот се натпреваруваат во двете главни селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ, креирајќи простор за нови уметнички релации, креативни ризици и продукциски партнерства кои ја покажуваат флуидноста на европската кинематографија.
Во СЕЕ селекцијата, својата фестивалска премиера ја има ЕРА, косовско–македонска копродукција во режија на Парта Келменди. Ова е првиот филм со македонско учество што го гледаме на овогодинешното издание, а неговата продукција опфаќа голем тим автори од двете земји. Филмот навлегува во чувствителен историски период од деведесеттите години, чие визуелно и драматуршко рекреирање барало исклучителна прецизност и автентичност.
„Копродукцијата на ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, затоа што приказната се занимава со деликатен историски контекст кој бара чесно и суптилно раскажување“, објаснува македонската копродуцентка Марија Димитрова. Таа додава дека реконструкцијата на деведесеттите во современа Приштина претставувала сложена продукциска задача, реализирана со тим посветени професионалци – од сценографот Кирил Спасовски, до директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата креативна и техничка екипа од Македонија и Косово.
Според Димитрова, токму актерските интерпретации ја носат тежината на приказната: Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и останатите членови на ансамблот внесуваат длабока човечност и историска свесност во секоја сцена. Таа смета дека природната соработка меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност е редок пример за партнерство што материјализира дела со голема вредност и регионално значење.
Покрај филмската програма, денешниот фестивалски ден носи и силна музичка енергија. Од 20:30 часот, во клубот МКЦ започнува Синедејс музичкиот блок, кој е бесплатен за посетителите. Публиката ќе може да ужива во настапите на четири регионални бендови: Stoinost од Бугарија, Elizabeta Bam од Хрватска, Ubili su batlera од Србија и Sunblinds од Бугарија. Музичката програма е поддржана преку европската иницијатива Liveurope, која има за цел да поттикнува мобилност и промоција на европските артисти.
Со почетокот на натпреварувачката програма, Синедејс влегува во својата највозбудлива фаза – комбинација од силни авторски премиери, регионални копродукции и динамични музички настани што ја дефинираат уникатната атмосфера на фестивалот.
