Вечерва, со прикажување на два исклучителни филма, во МКЦ се отвора 24. издание на CINEDAYS – Фестивал на европски филм. Публиката ќе има можност да ги гледа: добитникот на „Златна палма“ од Кан, „Тоа беше само несреќа“ на Џафар Панахи, и биографскиот документарец „Човек лавина“ посветен на Драгољуб Ѓуриќиќ – легендарниот тапанар на Леб и сол, во режија на Слободанка Радун.
Програмскиот координатор на CINEDAYS, Маргарита Арсова, вели дека фестивалот е создаден со големо внимание и амбиција: „Го креиравме ова издание како патување низ врвовите на европската кинематографија. Отвораме со два феноменални филма што го најавуваат духот и насоката на целата програма.“
Панахи во Фросина: тајно снимен трилер со човечка тежина
Киното „Фросина“ вечерва е резервирано за филмскиот мајстор Џафар Панахи. Неговиот нов филм „Тоа беше само несреќа“ е длабок морален трилер во кој напнатоста и хуморот се преплетуваат со прашања за прогонство, државна репресија и лична одмазда. Филмот, снимен тајно, ги рефлектира искуствата на Панахи со затворот и со системскиот притисок врз уметниците во Иран.
Франција го избра како свој кандидат за Оскар 2026 во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.
„Човек лавина“ – скопска премиера на филмот за Драгољуб Ѓуриќиќ
Во „25 мај“ ќе се прикаже документарниот портрет „Човек лавина“, кој го следи животот и музичката одисеја на Ѓуриќиќ. Филмот носи особена емоција за скопската публика, бидејќи дел од неговата уметничка приказна е врзана токму за градот.
Режисерката Слободанка Радун објаснува: „Скопје е важен град во животот на Драгољуб, па затоа и оваа премиера има посебна тежина. Сакав да прикажам комплексен портрет – музичар со необична кариера, но пред сè човек со свој систем на вредности и особена енергија. Го избегнав митологизирањето и се насочив кон емоцијата.“
Во филмот зборуваат негови долгогодишни соработници, меѓу кои: Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и други.
Од 3 до 10 декември: „Се гледаме од другата страна“
Под слоганот „Се гледаме од другата страна“, CINEDAYS оваа година ќе се одржува од 3 до 10 декември, во кино „Фросина“ и Дансинг салата „25 мај“ во МКЦ.
Билетите чинат 200 денари за сите проекции и може да се купат онлајн на bileti.mkc.mk (се препорачува онлајн продажба) или на самите влезови на МКЦ.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за европски филмски фестивали и мрежата Лајвјуроп.
