Cinedays по 24-ти пат: над 60 филма и посвета на Дејвид Линч

Од 3 до 10 декември МКЦ го претвора Скопје во европско филмско жариште.

Под слоганот „Се гледаме од другата страна“, од 3 до 10 декември во Младинскиот културен центар ќе се одржи 24. издание на CINEDAYS – Фестивал на европски филм. Годинешната програма носи повеќе од шеесет филмови распоредени во осум селекции, вклучувајќи нови авторски остварувања, фестивалски фаворити и дела што ја одбележаа европската филмска година. Оваа година, фестивалот е тематски посветен на Дејвид Линч, со фокус на неговиот надреален визуелен јазик кој го обојува целиот концепт на изданието.

Програмската координаторка Маргарита Арсова истакнува дека фестивалот не нуди обично филмско патување, туку премин – надреален, сонувачки и длабоко лирски, како омаж на стилот на Линч. Таа додава дека во земја како Македонија, каде продукцискиот капацитет е ограничен, филмот останува најсилниот културен амбасадор, а публиката заслужува најдобро изработено фестивалско искуство.

Фестивалот ќе започне со две исклучително значајни проекции: „Тоа беше само несреќа“ на Џафар Панахи, добитник на Златна палма во Кан, и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин – документарен портрет на легендарниот тапанар и музичар Драгољуб Ѓуриќиќ. Во продолжение, програмата ги носи и новите филмови „Тајниот агент“ на Мендонса Фило и „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, кои беа номинирани за Златна палма. Публиката првпат ќе може да го гледа и „Татко Мајка Сестра Брат“ на Џим Џармуш, добитник на Златен лав во Венеција, кој досега не бил прикажан во европските кино-сали.

Посебно место во програмата имаат регионалните и македонските копродукции, меѓу кои „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди и „Павиљон“ на Дино Мустафиќ. На репертоарот се и нови филмови на Сорентино и Парк Чан-вок, а фестивалот годинава се збогатува и со селекцијата на МакеДокс, кој се приклучува со избрани документарни филмови, победници од нивното издание.

Филмовите се структурирани во неколку тематски целини, меѓу кои Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекцијата посветена на Дејвид Линч и изборот на МакеДокс. Селектор на целокупната програма е Бернд Будер, долгогодишен куратор и познато име на европската фестивалска сцена.

Жири-комисиите го одразуваат регионалниот карактер на фестивалот. Во Официјалната конкуренција ќе оценуваат Сара Климовска од Северна Македонија, режисерот Арсен Оремовиќ од Хрватска и режисерот Алеш Павлин од Словенија. Во SEE програмата ќе одлучуваат Ана Опачиќ, режисерка од Хрватска, Фатос Бериша од Албанија и продуцентката Јасмина Карајловиќ од Црна Гора. Тие ќе ги доделат наградите што традиционално го одбележуваат крајот на секое издание на фестивалот.

Освен филмската програма, фестивалот годинава донесува и богато музичко доживување. На 4 и 5 декември, клубот на МКЦ ќе биде домаќин на СинеМјузик вечерите, со специјална селекција од десетина млади европски бендови поддржани од програмата Liveurope. Концертите се со слободен влез, што ја уште нагласува отвореноста на фестивалот кон младата публика и современите културни движења.

Проекциите и настаните ќе се одржуваат во МКЦ, кино „Фросина“ и Дансинг салата „25 Мај“. Билетите се по цена од 200 денари за сите филмови и може да се купат онлајн преку bileti.mkc.mk или на самото место, при што организаторите ја препорачуваат онлајн-продажбата поради голем интерес.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Град Скопје, Делегацијата на Европската унија преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали, како и од европската мрежа Liveurope. Со својата обемна програма, гостувања, работилници и музички содржини, 24. CINEDAYS повторно го поставува МКЦ како централно место на филмската култура во Скопје и регионално значаен фестивал со континуирано влијание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни