ЦИА ја укинува „Светската книга на факти“ по повеќе од 60 години

Легендарната збирка податоци за државите во светот, користена од аналитичари, новинари и истражувачи со децении, престанува да се издава без јавно објаснување.

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави дека по повеќе од шест децении престанува со издавање на „World Factbook“ – познатата Светска книга на факти, која со години претставуваше еден од најкористените јавни извори за основни податоци за државите во светот.

Одлуката е објавена на официјалната веб-страница на ЦИА, без дополнително образложение. Сепак, таа доаѓа во контекст на најавите на директорот на агенцијата Џон Ретклиф, кој претходно вети дека ќе ги укине програмите и активностите што, според неговите оценки, не придонесуваат директно за основните мисии на агенцијата, пренесува АP.

„Светската книга на факти“ за првпат била објавена во 1962 година како печатен и доверлив прирачник наменет исклучиво за разузнавачките офицери на ЦИА. Во неа се содржеле детални информации за странските држави – нивните економии, вооружени сили, природни ресурси, демографски карактеристики и општествени структури.

Со текот на времето, публикацијата стана јавно достапна и се претвори во глобално референтно четиво, често користено од академици, медиуми, студенти и истражувачи како основен извор за споредливи податоци меѓу државите.

Некласифицирана верзија за јавноста првпат била објавена во 1975 година, додека дигиталното издание станало достапно онлајн во 1990-тите, со податоци во јавен домен. Според претходни податоци од самата веб-страница, „World Factbook“ бил особено популарен за време на училишната година во САД, со забележлив пад на посетеноста во летните месеци.

Со укинувањето на „World Factbook“, завршува една ера во која државната разузнавачка институција истовремено играше и улога на глобален информативен референтен извор – улога што денес сè почесто ја преземаат меѓународни организации, истражувачки центри и отворени бази на податоци.

Oдлуката се вклопува во пошироката политика на администрацијата на Доналд Трамп за кратење на владините програми што, според нивната оценка, не придонесуваат директно за основната мисија на институциите.

Иако ЦИА не наведе конкретни причини за укинувањето, аналитичарите оценуваат дека одлуката симболизира поширок процес на реорганизација и фокусирање на агенцијата кон приоритети поврзани со современите безбедносни закани, дигиталното разузнавање и технолошките капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни