Мачнината по физичка активност е чест феномен, особено кај оние што тренираат интензивно или во топли услови. Експертите укажуваат дека честопати причината се крие во електролитен дисбаланс – состојба што може дополнително да се влоши со неправилен пристап кон хидратацијата.
Што се електролити и зошто се толку важни?
Електролитите се минерали (како натриум, калиум, магнезиум и калциум) кои го регулираат балансот на течности, преносот на нервни импулси и мускулната функција. Кога се потите – без разлика дали трчате, кревате тегови или правите HIIT – не губите само вода, туку и овие есенцијални минерали.
Нивниот недостаток може да доведе до мачнина, вртоглавица, грчеви, замор, па дури и конфузија.
Главен виновник: Ниско ниво на натриум
Според нутриционистката и спортски диететичар Марија Спано, најчест проблем е ниското ниво на натриум, состојба позната како хипонатремија. Ова особено се јавува кај оние кои вежбаат во топли и влажни услови и пијат големи количини вода без доволен внес на сол.
„Ако пиете премногу вода без електролити, го разредувате натриумот во крвта – што може да доведе до мачнина, грчеви, слабост и вртоглавица“, објаснува Спано.
Кога има смисла да пиете спортски пијалаци (а кога не)
Ако вежбате до 30 минути во климатизирана сала, обичната вода е сосема доволна. Но, за интензивни тренинзи подолго од 45 минути – особено во топли услови – пијалаци со електролити можат да бидат од голема корист.
Немате спортски пијалак? Додадете прстофат сол во водата или испијте кокосова вода со малку сол – бидејќи сама по себе не содржи доволно натриум.
Природна надополнување преку храна
Електролитите можете да ги внесете и преку храна:
- Калиум: банани, компири, портокали, спанаќ
- Магнезиум: јаткасти плодови, семки, мешунки
- Калциум: млечни производи
- Натриум: сол
Совет: После тренинг, ужина со комбинација на јаглехидрати, протеини и малку сол е одличен избор. Пример: банана со путер од кикирики и прстофат сол.
Мачнината не секогаш значи проблем со електролитите
Иако дисбалансот на електролити е честа причина, гадењето може да се јави и поради:
- Јадење непосредно пред тренинг
- Интензивен напор што го пренасочува протокот на крв од дигестивниот тракт кон мускулите
- Недоволен одмор или стрес
Како да избегнете гадење по тренинг?
Неколку едноставни навики можат да направат разлика:
- Хидрирајте се паметно – не само со вода, туку и со електролити
- Јадете полесен оброк 1–2 часа пред тренинг
- Не претерувајте со количината вода одеднаш
- Внимателно слушајте го вашето тело
Заклучок
Мачнината по вежбање не мора да биде знак за слабост – туку индикатор дека на телото му недостасува нешто. Не посегнувајте веднаш по скапи спортски пијалаци – често, едноставна комбинација на вода, сол и банана е сè што ви треба за враќање на рамнотежата
Извор: Index.hr