Во медицината, овој феномен е познат како постпрандијална сомноленција или замор после оброк.
Тоа може да предизвика поспаност, ниска енергија, тешкотии со концентрирање и недостаток на фокус.
Иако ова обично не е причина за загриженост, нутриционистката Фиона Хантер објасни дека оваа појава е доста честа, но дека во одредени случаи треба да посетите општ лекар, пишува Би-Би-Си.
„Точната причина за оваа појава не е целосно позната, но постојат неколку теории. Една од нив е дека тоа е природна реакција на телото на дигестивниот процес. После јадење, телото го пренасочува протокот на крв во дигестивниот систем, а ова привремено поместување на крвта подалеку од мозокот може да предизвика чувство на замор и забавеност“, рече таа.
Друго можно објаснување е дека ние сме еволутивно програмирани да се чувствуваме поспани после јадење.
„Во праисторијата, штом нашите предци ловеле и јаделе храна, доаѓало период на одмор и сон, па овој феномен би можел да биде еволутивен остаток од тоа“, додава нутриционистката.
Таа нагласи дека благиот замор по оброкот е сосема нормален, но прекумерниот замор може да биде знак за здравствен проблем.
Дијабетес или преддијабетес – Овие состојби може да предизвикаат флуктуирање на нивото на шеќер во крвта после оброците, што може да доведе до замор.
Нетолеранција на храна или алергии – може да предизвика замор и други симптоми после јадење одредена храна. Водењето дневник за храна може да помогне да се идентификува проблематичната храна.
Анемија – Недостатокот на железо или витамин Б12 може да придонесе за постојано чувство на исцрпеност.
Хормоналните нарушувања, како што е хипотироидизмот, може да влијаат на нивото на енергија и метаболизмот.
Ако постојано се чувствувате уморни после оброк, консултирајте се со вашиот општ лекар или регистриран диететичар. Тие можат да ви помогнат да откриете можни здравствени проблеми и да ви дадат персонализиран совет за оптимизирање на исхраната и одржување на стабилно ниво на енергија.
Според нутриционистката, одредени хранливи материи во храната може да ја зголемат веројатноста за поспаност. Ова вклучува оброци богати со шеќер и рафинирани јаглехидрати како бел леб, бел ориз, тестенини, колачи, како и протеини богати со триптофан – како мисирка, пилешко, јајца, сирење, риба, јаткасти плодови и семки.