Од живот во сенка на еден од најмоќните луѓе на Блискиот Исток до врвот на државата – Мојтаба Хамнеи, синот на убиениот врховен лидер Али Хамнеи, преку ноќ стана новиот чувар на Исламската Република.
Неговото искачување до врвот доаѓа во момент кога Иран се наоѓа во војна, а личната биографија на новиот лидер веќе наликува на трагична хроника на семејство кое ја платило цената на моќта.
Во ракетните напади во кои беше убиен неговиот татко, според извештаите, животот го загубиле и неговата сопруга и син. Така, човекот што ја презеде власта не го наследи само името на својот татко – туку и војната.
Од сенка до врвот на власта
Додека ракетите паѓаа врз иранските воени бази, ракетни складишта и делови од нуклеарната инфраструктура, Собранието на експерти донесе одлука: Мојтаба Хамнеи, човек кој три децении делувал зад сцената, станува нов врховен лидер на Иран.
Иако формално немал висока државна функција, во дипломатските кругови долго време бил опишуван како „втората најмоќна фигура во канцеларијата на врховниот лидер“.
Во една американска дипломатска депеша од 2008 година тој бил опишан како „способен и решителен менаџер кој еден ден би можел да преземе дел од националното водство“.
Детство во срцето на револуцијата
Мојтаба Хамнеи е роден во 1969 година, само неколку години пред Исламската револуција во која беше соборена шаховата монархија и на власт дојде ајатолахот Рухолах Хомеини.
По смртта на Хомеини, неговиот татко Али Хамнеи ја презеде функцијата врховен лидер, што значи дека Мојтаба практично пораснал во самиот центар на системот што денес го води.
Иако официјално бил свештеник од среден ранг, аналитичарите долго време го опишуваат како „чувар на портата“ на најтесниот круг на власта – човек кој контролира кој има пристап до врвот на режимот.
Во текот на иранско-ирачката војна служел во вооружените сили и тогаш воспоставил врски со луѓе кои подоцна станале генерали на Иранската револуционерна гарда, најмоќната воена структура во земјата. Токму тие врски денес се сметаат за основа на неговото влијание.
Контроверзии и богатство
Со години неговиот приватен живот беше обвиен со тајност. Познато е дека бил оженет со Захра Абдел, ќерка на поранешен претседател на иранскиот парламент, со која имал син.
Западните медиуми, пак, тврдат дека Мојтаба водел живот далеку од строгите аскетски принципи на шиитското свештенство. Истрага на „Блумберг“ покажала дека преку мрежа офшор-компании поседува 11 луксузни имоти во северен Лондон, на познатата „Улица на милијардерите“, чија вредност се проценува на повеќе од 100 милиони фунти.
САД му воведоа санкции уште во 2019 година поради, како што беше наведено, неговите финансиски врски со врвот на иранскиот режим.
Симболика на една династија
Изборот на Мојтаба Хамнеи многумина го толкуваат како знак дека во Иран надвладеала најтврдата струја поврзана со Револуционерната гарда и безбедносниот апарат.
Истовремено, неговото искачување има и силна симболика. Исламската Република се роди како револуција против наследните династии, а самиот Хомеини некогаш ги нарекуваше монархиите „неисламски“.
Сега, сепак, синот го наследи таткото на врвот на власта.
Но најголемото прашање останува што ќе направи на таа позиција – дали ќе избере одмазда, одбрана или нов правец за Иран во време на војна.