Човечкиот морал на папагалот Кеа

Некаде далеку, во непроодните планински места на Нов Зеланд, лежи портмоне со отприлика седумстотини и педесет евра кое ќе биде украдено од еден подвижен дом паркиран на автопатот 73, на 12 Јануари (2013). Очевидци тврдат дека крадецот се протнал низ полуотворениот прозорец, го  грабнал портмонето и одлетал во непознат правец. Полицијата имала лоши вести за оштетениот. Потрагата по сторителот би била залудна па, дури и да се употреби полициски хеликоптер, пишува германскиот репортажен магазин Geo.de во врска со професорот д-р д-р Кеа.

Овој крадец, арамија и вандал ѝ е одамна познат на полицијата но, и на луѓето што живеат или се во туристичка посета на Нов Зеланд. Озлогласен клептоман и разбојник со криминално досие којшто може да ви го претвори патувањето во оваа далечна островска земја во кошмар затоа што не само што буричка во туѓи чанти и ранци туку и  краде храна, чевли, носена долна облека, разноразни предмети, дури и пасоши а, и камери. Исто така, честопати фрла камења врз главите на планинарите и скијачите – скијачката сезона трае од Јуни до Октомври, и е страсен љубител на седишта на моторцикли коишто честопати биле уништувани до непрепознатливост. Безобразниот нарушувач на редот и мирот е една од најинтелигентините птици на светот и единствениот папагал што живее во високите планински региони преку цела година па, затоа е познат и како планински папагал.

Папагалот Кеа живее само во Нов Зеланд и е загрозен вид од фамилијата Нестор папагали. Неговото минато со населението во Нов Зеланд изобилува со крвави сведоштва и анегдоти. Поплаките на населението се однесувале на нивните овци коишто честопати биле напаѓани од него, колвајќи во месото од нивните тела, што најчесто резултирало со смрт од инфекција. Омразата резултирала со 150 000 усмртени папагали. Во минатото дури постоела и премија за застрелани Кеа папагали затоа што се сметале за штетници. Од 1986 година Кеа папагалите се загрозен вид под заштита, а во моментов се претпоставува дека популацијата изнесува околу 5.000 птици низ целата земја. Но, иако сѐ уште постојат бројни поплаки, нивната популарност е толку голема што токму оваа птица од Новозеланѓаните ќе биде прогласена за птица на годината во 2017 година.

Минатата година една единка ќе стане поп ѕвезда што ќе го обиколи светот без да го напушти островот.  Лошкото успеал да украде GoPro камера која веќе била вклучена со намера да ги снима останатите од јатото. Откако се шмугнал и ја грабнал камерата со клунот, Кеа папагалот одлетал во непознат правец снимајќи го своето спектакуларно бегство со пленот. Видеото е една од најубавите снимки направени од високо од природата во Нов Зеланд, што го одзема здивот. Режисер и камерман, кој на крајот од оваа фантастична авантура ќе биде сепак пронајден како џвака делови од пластиката на камерата којашто патем сѐ уште била вклучената додека тој се забавувал на една карпа. За ова ќе известуваат и британскиот Гардијан и германскиот Франкфуртер Алгемајнер Цајтунг.

Оваа исклучително убава и маркантна птица е одамна фасцинација за орнитолозите, чиишто досегашни набљудувања докажуваат дека се работи за интелигентна птица која поседува неверојатни способности за летање, логичко размислување, љубопитност меѓудругото но, исто така е и една од ретките птици што користат алатки, и пред да делуваат, трпеливо ги испитуваат сите можности за доаѓање до целта одлучувајќи се за најсигурната или најверојатната опција за освојување на објектот на интерес. Ова поточно значи дека птицата се служи со предмети што не се дел од телото како клунот или канџите, туку со камчиња, стапчиња, помали гранки и слично, за да дојде до храна што се чини недостижна, како на пример ларви во дупчињата и процепите во дрвјата или нивните полутрули остатоци.

Нов Зеланд е дом и на други ретки птици како Кивите и Какапосите. Како и кај Кеите, нивниот број е сериозно намален откако луѓето се населиле во Нов Зеланд пред околу 700 години. Во овој период исчезнале дури 70 видови птици а, триесет проценти од живите видови веќе се загрозени. Според студија објавена од истражувачите во списанието Current Biology во август 2019 година, ќе бидат потребни педесет милиони години за потполно да се регенерира птичјиот свет на Нов Зеланд.

За неговата неверојатна интелигенција и способност да се адаптира, зборува и случајот со папагалот Брус вдомен во резерватот Кристчрч во Нов Зеланд (Willowbank Wildlife Reserve, Christchurch). Брус е инвалид, папагал со попреченост,  што ќе биде осакатен уште како малечка птица за време на градењето на автопат. Преживеал но, останал скоро без горниот дел од клунот што освен за крадење пасоши исто така се користи и за нега на пердувестото руво. Осакатениот Брус развил своја техника за чистење од паразити, нечистотии и прашина, користејќи камен со којшто се негувал и се оддржувал чист. Брус има голем број на обожувачи, особено во научната заедница.

Меѓу ретките птици што користат алатки се и нашите сожители, чавките и гавраните. Кај нас живее и една ретка птица од загрозен вид која исто така користи алатка, египетскиот мршојадец, исто така познат како Кања или фараонска кокошка – мал и единствен член на родот Неофрон (Neophron). Оваа наша ретка птица користи гранчиња за да навива волна (крзно од мртви животни), за правење на нивните гнезда или пак камчиња што ги фрлаат од високо за да скршат јајца од други птици што се наоѓаат на нивното мени, освен мршата, за која се експерти.

Египетските мршојадци кои живеат во умерените региони се селат на југ во зима  и се гнездат и кај нас. Во 1993 година, во времето на нивната годишна преселба имало масовно труење на 65 кањи кај градската депонија во околината на Неготино предизвикана од дератизацијата направена од комуналното претпријатие на градот.  После масовното труење, популацијата на оваа ретка птица што се наоѓа на црвената листа на загрозени видови е во постојано опаѓање.

Муралот на Доротеј Нешовски

Пред неполна година, уметникот Доротеј Нешовски реализираше мурал на  египетскиот мршојадец во основното училиште „Гоце Делчев“, во Скопје и во соработка со Локомотива, како дел од проектот Уметност Клима Промена(Art Climate Transition). Здружението на граѓани МЕД(Македонско еколошко друштво), на почетокот на оваа пролет организираше едукативна работилница заучениците од основното училиште „Даме Груев“ од Ерџелија. Во објавата за оваа работилница на нивната веб страна mes.org.mk, се вели дека тие  деца имаат силна врска со природата и знаат многу за земјоделските практики во нивната средина и затоа нивното образование за врската со биолошката разновидност е особено значајно. Од МЕД исто така додаваат дека посветените наставници од ова училиште повторно ги поканиле на работилница за тема која ги поврзува земјоделството, животот во рурални средини и загрозените видови. Овој пат фокусот бил на египетскиот мршојадец за кој, како што велат: Најголемата закана е неселективното секундарно труење што најчесто се случува во рурални предели.

Кај нас мршојадците се едни од најозлогласените живи суштества и се споменуваат претежно кога треба да се опише некој човек или група на луѓе во средина во која е грев и скандал да се споредува човечкиот вид со други видови животни ако станува збор за улични кучиња. Во оваа колумна не остана многу простор и време за моја интроспекција. Видовите исчезнуваат, граѓаните се на топло и преокупирани со својата непризнаена индивидуалност и непризнаени припадности од малиген вид, додека се чека на спроведувања во реалност на стратегијата за унапредување на управувањето со нашите депонии и сериозна заштита на пазарот на трудот што што станува се попасно место за преживување. Во меѓувреме прочитав и дека надлежното министерство во Словенија донело одлука со која се дозволува отстрел на 230 кафени мечки од дивината, откако една од нив каснала за нога човек што си го шетал кучето во близина на Љубљана.

Пред зграда имам кукавица и не суеверувам во тоа дека е лош знак а немам ни чатал ниту пак пиштол. Птиците во нашиот град сѐ уште црцорат поезија. Добро е што се тука. Пролет си е пролет па, макар и тмурна.

П.С. Заборавив да раскажам дека во Нов Зеланд веќе има изградено крајпатни вежбални (Road Side Gym), за Кеа папагали, со надеж дека би гo привлекле нивното љубопитство и игривост, со тоа одвлекувајќи им го вниманието од луѓето што можат да си дозволат патување и скијање во овој рај на земјата.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни