Балтсу на AI Tech Summit во Скопје го претстави потенцијалот на генеративната вештачка интелигенција во корисничката служба, а за Трн.мк објасни дека вештачкта интелигенција не се обидува и не може да го имитира човекот, туку може да имитира само еден аспект.
„Тоа е имитација на еден аспект од човечкиот капацитет или како функционира мозокот или како функционира интелигенцијата. И тоа има врска со податоците, апсорпцијата на податоците и зависноста од податоците. Но, знаеме дека луѓето не се само зависни од податоци. Знаеме дека имаме емоции, имаме свест. И овие човечки мисли се една од главните причини зошто не користиме вештачка интелигенција за услужување на клиенти во поголема мера“ вели Балтсу.
Таа во интервјуто додава дека вештачката интелигенција не може да ги замени луѓето, бидејќи луѓето се креативни суштества и живееме во свет каде што е неопходно да работиме, да креираме и да соработуваме едни со други.
Балтсу во интервјуто за Трн.мк вели дека треба да се осигураме дека пристапот до вештачката интелигенција ќе биде еднаков за сите, со цел автоматизацијата да не замени несразмерно одредени етнички или расни групи.
„Мислам дека полека ја спојуваме и мешаме технологијата со општеството. И мислам дека има многу начини да се види тоа. Првиот начин е да се увериме дека технологијата ни помага да ги решиме проблемите што досега не сме ги решиле, исто така, пронаоѓање на точки на предрасуди или помагање на групите на кои им е потребна помош“ вели Балтсу и додава дека очекува наскоро да се водат колективни дискусии за улогата на технологијата и како таа може да ни помогне да еволуираме кон подобар човечки вид во целина.