Човечка вилица стара 1,8 милиони години пронајдена во Грузија

Археолози во Грузија пронајдоа човечка вилица стара 1,8 милиони години која му припаѓала на првиот вид човек. Откритието треба да даде нов увид во некои од најраните праисториски населби на евроазискиот континент.

Вилицата е откриена на локалитетот Орозмани, место со површина помала од два паркинга, но исклучително богато наоѓалиште каде што се пронајдени некои од најстарите остатоци од првите луѓе надвор од Африка, пренесува Ројтерс.

Станува збор за видот Homo erectus, кој се занимавал со лов и собирање. Според научниците, овој човечки предок започнал миграции пред околу два милиони години. „Мислиме дека Орозмани може да ни даде важни информации за човечката врста“, изјави професорот по археологија на камено доба од Државниот универзитет Илија во Тбилиси, Ѓорѓи Биджинашвили.

Вилицата е пронајдена на околу 100 километри југозападно од грузиската престолнина, во близина на местото каде што во 2022 година археолозите ископаа и човечки заб од истата епоха.

Во соседното село Дманиси претходно се откриени и черепи стари 1,8 милиони години, потсетува Ројтерс. Овојпат, археолозите пронашле и фосили од животни, меѓу кои сабјозаб тигар, слон, волк, елен и жирафа, како и камени алатки.

Анализата на вилицата и животинските фосили би можела да даде клучни одговори за еволуцијата на првите луѓе по нивното заминување од Африка, како и за нивната исхрана и климатските услови во кои живееле, наведуваат научниците. Мајлс Александер, кој неодамна дипломирал антропологија на Универзитетот Роуд Ајленд во САД, заклучил дека на локалитетот Орозмани секогаш се појавува нешто интересно штом се ископа површината, пренесува Ројтерс.

Извор: N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни