Чоколадите стануваат поскапи, а какаото сè поретко

Цената на чоколадата во Европа бележи значителен раст, а причините се многу подлабоки од обичната инфлација. Во Европската унија минатата година чоколадата беше меѓу производите со најголемо поскапување, со раст од речиси 18 проценти, додека во некои земји зголемувањето достигна и околу 15 проценти. Овој тренд се очекува да продолжи, бидејќи кризата на пазарот на какао сè уште трае.

Главната причина за растот на цените е долгорочното поскапување на какаовецот, кое во Европа од 2022 година е речиси тројно зголемено. Климатските промени силно влијаат врз производството во Западна Африка, особено во Гана и Брегот на Слоновата Коска, од каде што доаѓа најголемиот дел од светското производство на какао. Сушите и нестабилните временски услови ја нарушуваат жетвата, што директно ја намалува понудата и ги зголемува цените.

Паралелно со растот на цените, се забележува и промена во самите производи. На полиците има сè повеќе чоколади со различни додатоци и полнења, додека вистинската количина какао често е намалена. Производителите се обидуваат да ги задржат цените под контрола со додавање креми, кекси и други состојки, што резултира со производи кои се помалку „чоколадни“ отколку порано. Чоколадите со висок процент на какао стануваат луксуз, бидејќи нивната цена расте многу побрзо.

Истовремено, индустријата експериментира со нови решенија, вклучително и лабораториски одгледувани сорти на какао отпорни на климатските промени. Сепак, конкретни резултати сè уште нема, па експертите предупредуваат дека трендот на поскапување ќе продолжи и во наредните години. Слична судбина ја дели и кафето, чие производство исто така е загрозено од климатските промени.

Сето тоа укажува дека чоколадата постепено се менува – станува поскапа, а какаото во неа сè поретко. Потрошувачите ќе мора да избираат меѓу повисоки цени за вистинска чоколада или поевтини производи со повеќе додатоци и помалку какао.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни