Хамбуршкиот центар за заштита на потрошувачи ја прогласи алпската млечна чоколада „Милка“ за „Измама со пакување за 2025 година“, откако за неа гласаа дури 66,7 отсто од учесниците, односно две третини од сите гласачи.
Оваа „негативна награда“ Милка ја доби поради тоа што пакувањето е намалено од 100 на 90 грама, дебелината на чоколадата е намалена за еден милиметар, а цената е зголемена за 48 отсто – од 1,49 на 1,99 евра, пренесува германскиот весник Билд.
Најубедлив „победник“ досега
Центарот за потрошувачи веќе 12 години го организира ова гласање за најголема измама со пакување, но, како што наведуваат, никогаш досега ниту еден производ не победил со толку голема разлика.
Армин Валет од Агенцијата за заштита на потрошувачи во Хамбург изјави дека многу потрошувачи го доживуваат „суптилното“ намалување на количината на чоколадата како очигледна измама, додавајќи дека резултатот од гласањето претставува јасна и недвосмислена порака.
Поради тоа, Агенцијата поднела тужба против компанијата пред регионалниот суд во Бремен.
Растечки проблем со „скриени“ поскапувања
Хамбуршкиот центар за потрошувачи минатата година регистрирал 77 нови случаи на манипулативно пакување, при што просечното скриено зголемување на цените изнесувало 28,4 отсто.
Во гласањето учествувале околу 35.000 луѓе, а меѓу првите пет производи, веднаш зад „Милка“, се нашле и:
- мешавина за печење со сирење од Dr. Oetker
- Kölln XXL чоколадно-овесен мусли
- Jacobs 3u1 Classic стапчиња за кафе
- Knorr Penne Pomodoro Mozzarella
