Средството за садови е практично и речиси секогаш при рака, па затоа многумина го користат и за работи за кои воопшто не е наменето. Но тоа што добро ги отстранува маснотиите од чиниите не значи дека е добра опција и за сè друго низ домот.
Некои површини и материјали се многу почувствителни и токму таму ова средство може да направи повеќе штета отколку корист.
Меѓу првите на листата е кожата. Без разлика дали станува збор за чевли, јакна или гарнитура, средството за садови е премногу агресивно и може да ја исуши и оштети површината. За вакви материјали секогаш е подобро да се користат препарати што се наменети токму за кожа.
Проблематични се и дрвените подови. Кај ламинат или слични површини разредено средство понекогаш може да помине, но кај вистинско дрво работите стојат поинаку. Ако се користи често или во поголема количина, подот побрзо може да се оштети. Ако баш немате друго средство, тогаш треба да се стави само неколку капки во многу вода.
Свилата е уште еден материјал што не трпи ваков третман. Бидејќи е многу деликатна, агресивните состојки лесно можат да ја оштетат, па подобар избор е специјален детергент за чувствителни ткаенини.
Особено внимателни треба да бидат и оние што користат тави од лиено железо. Тие никогаш не треба да се мијат со средство за садови, бидејќи така се оштетува заштитниот слој. Откако тој ќе почне да се лупи, тавата веќе не ја задржува својата функција како што треба.
Честа грешка е и миењето автомобил со средство за садови. Иако на прв поглед изгледа како лесно решение, со тоа постепено се уништува заштитниот слој на бојата, а подоцна може да дојде и до лупење и поскапи оштетувања.
Средството за садови не треба да се користи ниту во машина за садови, ниту во машина за перење. Иако звучи логично дека би помогнало барем кај садовите, формулата за рачно миење е сосема поинаква. Таа создава многу пена, која може да се насобере во машината, да предизвика проблеми и дури да доведе до дефект.
Поуката е едноставна: не секое средство што добро чисти значи дека е добро за сè. Понекогаш токму најпрактичното решение е и најлошото за материјалите што сакаме да ги зачуваме.