Чилеанка кандидат за генерален секретар на ОН: „Време е светот да го води жена“

Поранешната претседателка на Чиле, Мишел Башеле, се кандидира за генерален секретар на Обединетите нации и вели дека светот е подготвен за жена на чело на ОН.

Светот е подготвен за жена на чело на Обединетите нации, оцени Мишел Башеле, поранешна претседателка на Чиле и кандидатка за генерален секретар на ОН, во интервју за AFP.

Башеле, која двапати беше претседателка на Чиле – од 2006 до 2010 и од 2014 до 2018 година – во септември беше предложена за функцијата генерален секретар на ОН. Нејзината кандидатура ја номинираше актуелниот чилеански претседател, левичарот Габриел Борич.

Средба со новиот претседател

Таа вчера се сретна со новоизбраниот конзервативен десничарски претседател на Чиле, Хосе Антонио Каст, кој ќе одлучи дали ќе ја поддржи нејзината кандидатура откако ќе ја преземе функцијата на 11 март следната година.

Каст овој месец победи на претседателските избори, а чилеанската политика доживува најостар пресврт кон десно од крајот на воената диктатура во 1990 година.

Во 80-годишната историја на Обединетите нации, ниту една жена досега не била генерален секретар. Единствениот претставник од Латинска Америка што ја водел организацијата бил перуанскиот дипломат Хавиер Перес де Куелјар, кој ја извршувал функцијата од 1982 до 1991 година.

Според непишаната практика, која не е обврзувачка и понекогаш не се почитува, функцијата генерален секретар треба да ротира меѓу големите светски региони. Овој пат редот е на Латинска Америка, а сè погласни се и повиците новиот лидер на ОН да биде жена.

Завршува вториот мандат на Гутереш

Во интервјуто во Сантијаго, Башеле зборуваше за „историска можност“ жената да даде „поинаков придонес преку поинаков стил на лидерство“. Таа веќе остави белег во историјата на Чиле како прва жена на чело на државата. По првиот мандат стана првата директорка на новоформираната агенција на ОН – UN Women. Од 2018 до 2022 година беше Висока комесарка на ОН за човекови права.

По професија педијатар, 74-годишната Башеле смета дека под нејзино водство Обединетите нации би се „модернизирале и би станале поефикасни, пофункционални и потранспарентни“.

Меѓу другите кандидати за наследник на Португалецот Антонио Гутереш, чиј втор мандат како генерален секретар завршува кон крајот на 2026 година, се и:
– Ребека Гринспан од Костарика, директорка на Агенцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD)
– Мексиканската министерка за животна средина Алисија Барсена
– Премиерката на Барбадос, Миа Мотли
– Аргентинецот Рафаел Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија

Гроси вчера повика на „поактивни“ Обединети нации и изјави дека е неопходна „реформа на организацијата заснована на консензус“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни