Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров” ќе се одржи во Скопје од 15 до 18 октомври и ќе ја обедини регионалната театарска сцена под слоганот „Сцена за сечиј сон”, со претстави што преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство.
Официјалната селекција, за која беше задолжена режисерката Драгана Милошевски – Попова, годинава беше направена од вкупно над 40 апликации: што најавува многу богата година за детскиот и младинскиот театар.
Фестивалот го отвора „Франкенштајн” на Кокан Младеновиќ: современа и ритмична адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.
Од Суботица гостува „Играј со мене!” на Андреј Бока, претстава што нè потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете.
Од Загреб пристигнува „Малата Фрида” на Аница Томиќ – приказна за детството на Фрида Кало, за храброста да се биде различен и лековитата моќ на соништата.
„Како оздраве штурецот” на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување.
Посебна визуелна поезија доаѓа со „Прозорецот” на Давид Зуазола од Темишвар и со „Свадби на животни и нешта” на Георги и Раја Господинови, кои преку нежна приказна нѐ воведуваат во невидливиот живот на предметите и моќта на имагинацијата.
Фестивалот ќе заврши со „Сино” на атинскиот „Хоп Сињор” – храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави, освен првата, ќе се натпреваруваат за ГРАН ПРИ, наградата за режија, двете актерски, наградата за костимографија и наградата за сценографија.
Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци – Скопје, со Совет во состав: Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Во рамки на придружната програма ќе се одржат: драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст”, со Ева Камчевска како нејзин модератор; работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ; и креативната работилница „Како се прави кукла”, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.