Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која водеше интерактивна сесија со наставниците во форма на прашања и одговори, ја истакна важноста на примената на мировното образование во националниот образовен систем, постоењето системски мерки посветени на учење за мир во земјата и значајната улога на Првата детска амбасада МЕЃАШИ во реализација на активностите поврзани со мировното образование, чија примена е законска обврска за училиштата.
„Децата учат за вистински вредности, за чување на мирот, за меѓусебна почит, толеранција и вербално решавање конфликтни ситуации, што е исклучително важно за да може да напредува државата. Македонија е мала земја и можеби не може да влијае на надминување глобални конфликти меѓу многу посилни држави, но може да влијаеме на зачувување на мирот во своите граници”, рече министерката Јаневска.
Претседателот и соосновач на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, м-р Драги Змијанац, ја потенцираше соработката со Министерството за образование и наука со кое се склучени 3 Меморандуми за соработка во процесот на интегрирање на концептот на Мировно образование во воспитно-образовниот систем. Во програмата досега се вклучени 78 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8. 000 ученици.
„Нам ни се битни наставниците затоа што преку нив допираме до децата и родителите. Токму преку нивната посветена работа можеме директно да влијаеме на намалување на сајбер-насилството, врсничкото насилство и сите други форми на агресија, создавајќи побезбедна и поподдржувачка средина за секое дете. А тоа е нашата крајна цел – да придонесеме кон градење поправедно општество за сите”, изјави Змијанац.

Трансформативниот потенцијал на мировното образование беше водилка низ обраќањата на Гордана Пирковска Змијанац – основачка на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ во Македонија, Fatmire Ajdari – мировна активистка и координаторка на програмата за мировно образование и Ella Daalderop – меѓународна мировна работничка.
Наставниците предаваат за да го променат светот – тоа најубаво го потврдува примерот на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ. Уште во април 2011 година, МЕЃАШИ започна со спроведување проект за мировно образование, кој низ годините, прерасна во сеопфатна програма. Програмата се темели на превентивни мерки што иницираат постепени и долгорочни промени, неопходни за идентификување и трансформирање на клучните причини и фактори што го држат насилството “живо” во ескалациски циклуси. Над 300 наставници и стручни служби спроведоа најразлични активности со повеќе од 8.000 ученици, ткаејќи ја мрежата на мировни училишта низ Македонија, која ќе биде официјализирана на третиот ден од конференцијата.

Денес се одржаа и четири паралелни работилници за менталното здравје на младите во и надвор од училницата, мировното образование во пракса, мировното образование и неговата улога во современиот историски контекст и врсничкото насилство. Понатаму, се одржаа панел дискусија за предизвиците на мировното образование и тим билдинг активности. Сите овие активности на елоквентен начин ја демонстрираа важноста од развивање внатрешните способности за градење мир за создавање заедница во која владее благосостојба и во која младите луѓе умеат да трансформираат насилство во ненасилство.
