Во текот на ноќта, од сабота кон недела, Русија изврши масовен напад врз Украина, при што загинаа најмалку четири лица, а 13 беа повредени во главниот град Киев, соопштија украинските власти.
„Според најновите податоци, досега се повредени 13 лица (меѓу кои и едно дете), а четворица се загинати (вклучително и едно дете) како резултат на нападот врз Киев“, изјави Тимур Ткаченко, шеф на Воената управа на град Киев, преку објава на платформата Телеграм.
Ткаченко додаде дека е предизвикана значителна материјална штета на повеќе станбени и нестамбени објекти во округите Дарницки, Свјатошински, Соломјански, Голосиевски и Днипровски. Меѓу оштетените е и еден кардиолошки институт.
Воедно, пожар зафати подрачје во близина на Киев поради нападот, а сцените беа документирани од украинската Служба за итни случаи.
Гувернерот на Киевската област, Микола Калашник, изјави дека во регионот околу главниот град се повредени најмалку 28 лица, меѓу кои и тројца деца.
„Четири лица се хоспитализирани во регионалните болници — тројца возрасни и едно дете. Сите се во умерено тешка состојба“, додаде Калашник.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека противвоздушната одбрана успеала да собори 568 од вкупно 595 беспилотни летала, како и 43 од 48 различни типови ракети што Русија ги истрела во текот на ноќта. Главна цел бил токму Киев.
„Овој подол напад се случи речиси веднаш по завршувањето на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации — така Русија го покажува својот вистински став. Москва сака да продолжи со војната и убивањето, и заслужува најсилен притисок од страна на светот“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски преку објава на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека Украина ќе продолжи да возвраќа удари за да ѝ ги пресече изворите на приходи на Русија и да ја принуди на дипломатија. Воедно, ги повика сите кои навистина сакаат мир да ги поддржат напорите на американскиот претседател Доналд Трамп и да го запрат увозот од Русија.
Зеленски исто така истакна дека нападите ги погодиле и регионите Запорожје, Хмелницки, Суми, Миколаив, Чернихив и Одеса.
Руските власти сѐ уште немаат дадено официјална изјава по повод тврдењата на Украина.