Со авион C – 27 Spartan на грчкото воено воздухопловство, во текот на ноќта од Скопје во Атина беа префрлени уште четворица повредни во пожарот во Кочани, со што во Грција на лекување се вкупно 12 лица, од кои пет во Солун и седум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што синоќа објави МИА, се рабори за четири млади лица со изгореници, кои веќе се хоспитализирани во две воени болници во Атина. Воениот авион околу 22.30 часот од воениот авион во Атина полетал за Скопје, а целата операција за транспорт завршила по 2 часот по полноќ. Инаку ова е втор лет од Атина за Скопје во период од 24 часа. Во првиот лет во понеделникот вечерта беа транспортирани тројца повредени.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис утрово на Х информираше дека успешно бил спроведен вториот воздушен транспорт на повредени со изгореници од Националниот центар за итна помош (ЕКАВ), со помош на военото воздухопловство, „во рамките на поддршката на Грција за Северна Македонија“.
– Во рамките на континуираната и итна поддршка на Грција за Северна Македонија, по трагичната несреќа што се случи во градот Кочани и по барањето на соседната земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, вчера успешно беше извршен вториот воздушен транспорт во Атина на уште четворица повредени со изгореници од страна на ЕКАВ. Авион C-27 на военото воздухопловство на Грција, со медицински тим на ЕКАВ со двајца лекари и тројца спасувачи, слета во 02.10 часот на воениот аеродром Елефсина. Четворицата повредени со изгореници веднаш и безбедно беа пренесени со мобилни медицински единици на ЕКАВ, тројца во Општата воена болница 401 и еден во Општата болница на воздухопловството 251 за понатамошно лекување, напиша Георгиадис.
Грчкиот министер изјави дека до овој момент вкупниот број на пациенти со изгореници од кои се транспортирани во Грција и се хоспитализирани: се шест во Општата воена болница 401 во Атина; еден во Општата болница на воздухопловството 251; тројца во Општата болница во Папаниколау во Солун и двајца во Општата воена болница 424 во Солун.
– Здравствениот оперативен центар на Националниот центар за итна помош (ЕКАВ) во рамките на оперативниот план за управување на транспортот и хоспитализацијата на повредени со изгореници, продолжува да ги одржува во состојба на зголемена готовност Одделите за изгореници во соодветните здравствени центри во Солун и Атина, нагласи министерот за здравство на Грција.
Од грчката амбасада во Скопје, на социјалните мрежи објавија дека авионот на грчкото воено воздухопловство заедно со медицинскиот тим на Националниот центар за итна помош (ЕКАВ) го спроведоа „вториот медицински лет за евакуација со четворица пациенти на интензивна нега кои ќе добијат третман во воените болници 401 и 251 во Атина.
– Наша срдечна благодарност до ΕΚΑΒ за организацијата и координацијата на мисијата. Солидарноста со Северна Македонија е силна, напишаа од грчката амбасада во Скопје и објавија фотографии.