Четири зачини што можат да му помогнат на метаболизмот по 50-тата година

Нутриционистите издвојуваат четири зачини што можат да помогнат во варењето, енергијата и поддршката на метаболизмот по 50-тата година.

Со годините метаболизмот природно забавува, но нутриционистите велат дека и мали промени во исхраната можат да направат разлика. Меѓу наједноставните сојузници, според нив, се и неколку зачини што многумина веќе ги имаат дома.

Ако имате чувство дека метаболизмот веќе не ви работи како порано, не сте единствени. Со стареењето, особено по 50-тата година, се менуваат мускулната маса, хормоналната слика и нивото на физичка активност, а тоа влијае и врз начинот на кој телото согорува калории.

Нутриционистите посочуваат дека поддршката на метаболизмот не мора секогаш да почне со големи промени. Дел од наједноставните чекори, велат тие, можат да започнат и во кујната, преку зачини што освен што им даваат вкус на јадењата, можат да помогнат и во варењето, регулирањето на шеќерот во крвта и намалувањето на воспаленијата.

Меѓу зачините што најчесто се издвојуваат е циметот. Според нутриционистите, тој може да помогне во подобра регулација на шеќерот во крвта и чувствителноста на инсулин, што му овозможува на телото поефикасно да ја користи енергијата. Дополнително, циметот е богат со антиоксиданси, кои имаат улога и во справувањето со воспалителните процеси и оксидативниот стрес.

Семките од анасон, пак, најчесто се препорачуваат поради нивното влијание врз варењето. Тие можат да помогнат кај подуеност и гасови, особено по пообилен оброк, а често се користат и како додаток во печени јадења и зеленчук.

На листата често се наоѓа и куркумата, чија активна состојка куркумин се поврзува со намалување на воспаленијата и подобрување на варењето. Дел од истражувањата сугерираат дека може да има улога и во контролата на телесната тежина. Нутриционистите често препорачуваат таа да се комбинира со црн бибер, бидејќи така се подобрува апсорпцијата на куркуминот. Но, предупредуваат и дека куркумата не им одговара на сите и дека пред редовна употреба е добро да се побара совет од лекар.

Ѓумбирот е уште еден зачин што често се поврзува со метаболизмот. Освен што е познат по неговото влијание врз варењето, се смета дека може да помогне и во намалување на чувството на глад, да го поттикне согорувањето на мастите и да влијае врз нивото на енергија. Воедно има и антиинфламаторни својства, но, како и кај куркумата, не се препорачува без претпазливост кај сите луѓе.

Пораката на експертите е дека зачините не се магично решение, но можат да бидат корисен дел од поширока грижа за телото, особено во период кога метаболизмот природно забавува. Затоа, наместо радикални диети, понекогаш првиот чекор може да почне со нешто многу поедноставно, односно со тоа што го ставаме во чинијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни