Четири намирници што не треба да ги јадете следниот ден

Иако многумина без размислување посегнуваат по остатоци од ручек или вечера, дел од храната може да стане ризична уште по неколку часа ако не била правилно чувана.

Постојат многу намирници што луѓето сакаат да ги јадат и следниот ден, без многу двоумење. Но, тоа чувство на сигурност често знае да биде лажно. Остатоците од храна можат да изгледаат сосема добро, да мирисаат нормално и да имаат ист вкус, а сепак да содржат бактерии што можат сериозно да го нарушат здравјето.

На ова предупредува и експертката Примроуз Фристон, која објаснува дека ризикот најчесто не е само во самата храна, туку во начинот на кој се чува и колку долго стоела на собна температура. Токму тој период им овозможува на бактериите да се размножуваат.

Пилешко месо

Пилешкото е една од намирниците што најлесно може да стане проблематична ако не се чува правилно. Многумина го оставаат за сендвичи, салати или брз оброк од фрижидер следниот ден, но токму тука се крие ризикот.

Готвеното пилешко има висок процент на вода, многу хранливи материи и ниска киселост, што создава идеални услови за развој на бактерии што предизвикуваат труење со храна. Дополнителен аларм е ако во соковите од месото има траги од крв, бидејќи тоа може да значи дека не било доволно термички обработено.

По готвењето, остатоците треба да се покријат, да се изладат и да се стават во фрижидер што е можно побрзо, идеално во рок од два часа.

Јадења со ориз

Оризот е уште една намирница чиј ризик често се потценува. Проблемот е во тоа што неварениот ориз може да содржи спори од бактеријата Bacillus cereus, кои можат да преживеат и по готвењето.

Ако варениот ориз потоа предолго стои на собна температура, спорите можат повторно да се активираат, бактериите да се размножат и да ослободат токсини. Ова не се однесува само на чист ориз, туку и на сите јадења што го содржат, како пржен ориз, рижото или бурито.

Препораката е оризот брзо да се излади, да се покрие и што поскоро да се стави во фрижидер. Ако веќе се чува, треба да се изеде во рок од 24 часа.

Пица

Ладната пица одамна има репутација на „совршен“ оброк утрото по излегување, но во реалноста не е секогаш безбедна. Сирењето, сосот, додатоците, па дури и сувите зачини можат да станат ризични ако пицата предолго стоела надвор од фрижидер.

Остатоците од пица треба да се стават во фрижидер во рок од два часа и да се чуваат покриени. Пица што стоела цела ноќ на кујнскиот пулт можеби изгледа сосема во ред, но тоа не значи дека е безбедна за јадење.

Храна од конзерва

Конзервираната храна на многумина им делува побезбедно од останатите остатоци, бидејќи додека е затворена може долго да стои на собна температура. Но, штом конзервата ќе се отвори, за неа важат истите правила како и за секоја друга храна.

Отворената конзерва треба да се покрие и да се чува во фрижидер. Со отворањето влегува воздух, можноста за контаминација расте, а со времето расте и ризикот од бактерии.

Киселата храна, како доматните производи, обично може да трае пет до седум дена, додека намирниците со пониска киселост, како месо, риба, зеленчук или овошје, треба да се изедат во рок од три дена.

Не е проблем само во храната, туку и во чувањето

Кај сите овие намирници поентата е иста: проблемот најчесто не започнува следниот ден, туку многу порано, во моментот кога храната предолго ќе остане надвор од фрижидер. Тогаш се создава простор за бактерии што не секогаш можат да се препознаат по мирис, изглед или вкус.

Затоа, ако нешто сакате да го јадете и следниот ден, најважно е да го изладите навреме, да го чувате правилно и да не претпоставувате дека е безбедно само затоа што „изгледа добро“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни