Последните жртви се двајца браќа кои го загубиле животот во текот на ноќта и раните утрински часови во петокот, со што бројот на загинати од невремето во изминатите 24 часа се искачи на четири.
Според информациите на агенцијата Анадолија, браќата Кадер и Калил Ихаб Хануна загинале кога ѕид се урнал врз нивниот шатор во централниот дел на градот Газа, под тежината на обилните врнежи.
Бурата, предизвикана од систем на низок воздушен притисок, донесе силен дожд, бурни ветрови и поплави, оставајќи стотици илјади раселени Палестинци да се соочуваат со екстремни услови во импровизирани и дотраени шатори низ енклавата.
Претходно, уште две лица загинаа во одделни инциденти поврзани со невремето. Еден Палестинец настрадал кога неговиот дом се урнал во бегалскиот камп Шати, западно од градот Газа, додека девојче починало од последици на изложеност на студ откако семејниот шатор бил поплавен во Кан Јунис, на југот од Појасот Газа.
Во северниот дел на Газа, во областа Беит Лахија, неколку лица биле повредени кога дел од куќа, претходно оштетена во израелски напади, се урнал. Се стравува дека под урнатините можеби има и затрупани жители.
Цивилната заштита на Газа соопшти дека во одделен инцидент неколку лица, меѓу кои и деца, биле повредени кога силниот ветер и дожд урнале шатор во кој биле сместени раселени семејства во областа Ал-Мина, западно од градот Газа.
Поплавите потопиле илјадници шатори во повеќе делови од Појасот Газа, предизвикувајќи големи материјални штети и дополнително влошување на условите за живот, особено поради падот на температурите.
Од Цивилната заштита информираат дека евакуирале неколку раселени семејства откако две делумно оштетени куќи се урнале во Кан Јунис, апелирајќи граѓаните да не се засолнуваат во објекти кои се изложени на ризик од уривање.
Според официјалните податоци, околу 250.000 раселени семејства моментално живеат во кампови низ Појасот Газа, при што многумина се соочуваат со студ, поплави и небезбедни услови за живот.
Извор: N1info.rs
