Четири креативни работилници за деца, Саем на книга и доделување на наградите на „Литера 2024“

Co ликовната работилница за деца „Летаме заедно“ што ќе ја води илустраторката Наташа Андонова, денеска во 10 часот во Младинскиот културен центар во Скопје почнува последниот ден од 6. издание Меѓународниот литературен фестивал „Литера“. Во 12 часот ќе се одржи работилницата „Си беше еднаш“ со илустраторката Наталија Лукомскa. Во 13 часот е закажана промоцијата и работилница за едиција „Неуредните“ – Мависол Јенер (Бата прес). Ќе следува потпишување на книги и средба со писатели, а во 14 часот ќе бидат доделени наградите на „Литера 2024“ со што ќе биде затворен фестивалот.


Искористете го последниот ден да го посетите и Саемот на сликовници и книги за деца во фоајето на МКЦ и со попуст набавете изданија од„Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“.



На „Литера“ вчера работилница за студенти и илустратори одржа турскиот илустратор Мурат Калкаван. Тој ги претстави своите илустрации и анимации, а студентите се интересираа за начинот како ги креира ликовите, колку време му треба да заврши одреден проект и слично.


Паралелно во фоајето на МКЦ се одржа промоција на сликовницата „Здраво, јас сум Досада“ на авторката Гаје Г. Оздамар, и илустраторката Шејда Унал, од Турција, издание на „Арс ламина“. Тресетина основци од 4-1 од школото „Кузман Јосифовски-Питу“ од скопската населба Кисела Вода љубопитно ги слушаа Бисера Бендевска, уредничка на издание и Васко Марковски кој ја преведе книгата од турски на македонски јазик. Децата постојано креваа два прста, одговараа, но и поставуваа прашања. Воведувајќи ги во основните поими на превод на литературата, Марковски ги потпрашуваше, а тiе се обидуваа да покажат кој знае да брои на повеќе јазици.


Следуваше средба со македонски автори за деца. Модератор беше Aлександра Тодоровиќ, а учествуваа Елизабета Баковска, Живко Грозданоски, Александра Симова и Денис Јанкуловски. Тие зборуваа за актуелните состојби во литературата за деца во земјава, предизвиците со кои се соочуваат.
Мурат Калкаван одржа интересна работилница за деца „Моето замислено чудовиште“. Тое цртаа чудовишта, им даваа имиња и карактеристики, а потоа ги користеа во специфична игра.
Вчерашниот ден заврши со читање сликовници со Филип Баткоски од „Бата прес“ и со цртање.

Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, Maarif International Schools, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни