Четири клучни работи за долговечност

Фото: Freepik

 Бројот на луѓето кои доживуваат 100 години во светот порасна од 151 илјада во 2000 година на 573 илјади во 2021 година. Луѓето живеат се подолго и се очекува бројот на луѓе кои „поминуваат“ стотка да се зголемува.

Стогодишниците се пример за успешно, квалитетно стареење, тие често имаат помалку хронични болести и живеат независно до своите деведесетти. Додека генетиката придонесува за долговечноста, факторите на кои може да влијаат луѓето придонесуваат за повеќе од 60 отсто од „успешното стареење“.

Неодамнешен преглед на 34 истражувања објавени од 2000 година кои го следат начинот на живот и здравствените навики на постарите од 95 години откриваат четири клучни фактори за кои епидемиологот Жаоли Даи Кеплер од Фармацевсткиот факултет при Универзитетот во Сиднеј и Пермајндер Сачду, професор по невопсихијатрија на истиот Универзитет велат придоенсуваат за долговечноста.

  • Разнолика исхрана со контролиран внес на соли

    Долговечните луѓе имаат балансирана исхрана. Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј откриле дека тие во просек внесуваат помеѓу 57 и 65 отсто калории од јаглехидрати, 12 до 32 отсто од протеини и 27 до 31 отсто од масти.

    Нивната исхрана вклучува основна храна, како ориз и пченица, овошје, зеленчук и храна богата со протеини, како пилешко и риба и умерен внес на црвено месо.

    Овој начин на исхрана, сличен на медитеранската исхрана, е поврзан со помал ризик од нарушувања на физичките функции.

    Преферираниот внес на сол е во рамките на препораките на Светската здравствена организација, помалку од два грама натриум дневно (што одговара на околу пет грама сол).

    Научниците од Австралија открија дека луѓето со поголем внес на сол (оние кои претпочитаат солена храна или додаваат дополнителна сол во оброците) имаат 3,6 пати поголем ризик од оштетување на некои физички функции во споредба со оние кои не претпочитаат сол.

    Практично, овие наоди сугерираат дека треба да вклучиме многу интегрални житарки, зеленчук, грав, мешунки, овошје и зеленчук во нашата исхрана, да ја минимизираме потрошувачката на црвено месо, да се одлучиме за живина, риба и растителни протеини и да ја ограничиме солта во нашата храна.

    • Контрола на хроничните болести

    Долговените луѓе не се ослободени од хронични болести, но нив чести ги развиваат многу подоцна од просекот. Повеќе од половина од луѓето во истражувањето имале вообичаени проблеми со високиот крвен притисок, деменција или некое когнитивно оштетување.

    Научниците откриле дека луѓето кои учествувале во истражувањето во просек користеле 4,6 лекови. Најчестокористени лекови биле тие за крвен притисок или срцеви заболувања. Луѓето кои не доживувале 100 години во просек користеле 6,7 лекови.

    Сепак, типот или бројот на лекови кои пациентите ги користат не зависи само од нив. Истражувачите велат дека важно е лекарите да препишуваат лекови само кога тоа е неопходно и да ги информираат пациентите за предностите и ризиците, како и редовно да се ревидираат плановите за лечење.

    • Добар сон

    Квалитетот и количината на спиењето влијаат на имунолошкиот систем, хормоните за стрес и кардиометаболичките функции, па влијаат и на појава на обезност, висок крвен притисок и дијабетес. Добриот сон е поврзан со длабока старост, добро здравје и помал ризик од хронични болести.

    Во анализата спроведена од Кеплер и Сачду, 68 отсто од луѓето кои имаат над 100 години биле задоволни со квалитетот на спиењето. Во истражување за задоволството од спиењето на возрасните, спроведено во 13 земји во 2020 година, покажало дека 29 до 67 отсто се задоволни.

    Оптималното траење на сонот треба да биде помеѓу седум до осум часа. Советите за постигнување на подобар сон вклучуваат одржување на редовна рутина за спиење, мирно опкружување, редовно вежбање и контрола на стресот.

    • Животна средина

    Повеќе од 75 отсто од тие кои доживеале сто години или се прибижуваат до таа бројка живееле во рурални околини. Тоа се забележува и по таканаречените „сини зони“, региони познати по висока концентрација на луѓе кои живеат над 100 години, како што се Окинава во Јапонија, Сардинија во Италија, Никола во Костарика и Икарија во Грција.

    Ова делумно е поврзано со врската помеѓу природата и здравјето. На пример, изложеноста на зелени површини се поврзува со понизок стрес, депресија, крвен притисок, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања, што го зголемува животниот век.

    Останати важни фактори

    Истражувањата исто така покажуваат дека непушењето, избегнувањето на алкохолот или умереното консумирање, физичката активност и одржвуањето на социјалните врски се важни фактори кои помагаат во долговечноста.

    Следењето на овие совети, спроед истражувачите, не значи дека ќе доживеете стотка, бидејќи има и некои луѓе кои живеат долго, но имаат сомнителни здравствени навики. Но, повеќето постари луѓе настојуваат да живеат поздраво за да ги спречат или контролираат хроничните заболувања.

    Што порано во животот ги прифатите позитивните промени и здрави навики, ќе бидете во подобра позиција за да остварите долг и здрав живот.

    Извор: The Conversation

    Најново

    Последни колумни