Четири грчки поети на промоција на книгата „30 современи грчки автори“ во Скопје

Во Скопје ќе имаме можност во живо да ги чуеме Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис

Четири грчки поети ќе бидат гости на промоција на книгата со поезија „30 современи грчки автори“ во рамки на дополнителната програма на фестивалот ПРО-ЗА Балкан. Настанот ќе се случи во Аудиокултура, Скопје, утревечер (петок) од 20 часот.

Истата книга ќе има промоција и во Атина, во понеделник!

Во Скопје ќе имаме можност во живо да ги чуеме Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата.

„30 современи грчки автори“ содржи препев на 30 песни од автори од Грција, во избор издавачката куќа „Вакхикон“. Според зборовите на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос, ова е збирка што ќе ја долови богатата поетска продукција, но и ќе ги прикаже трендовите на поетската сцена во Грција.

Препевот на книгата е на Петар Андоновски.

За книгата издадена од „Прозарт медиа“, уредникот Дејан Трајкоски ќе напише:
-Книгата „30 современи грчки автори“ е место каде што се нанижани звуци и тишини, врската помеѓу тајната и времето и фактот дека луѓето насекаде се сакаат и мразат на ист начин. Прочитајте 30 грчки поети, сите објавени од реномираниот издавач „Вакхикон“, како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата. При потрагата по пукнатина од која ќе блесне светлината, по неба отворени за вистини што се осмелуваат да измислат сопствено време и дваесет и петти час за поезија, ова е книга што ќе ви го најде морето во кое ќе се згреете.

Книгата е објавена со помош на амбасадата на Грција во Скопје и на издавачката куќа „Вакхикон“, а промоцијата се организира во соработка со амбасадата на Грција во Скопје.

Модератор на настанот ќе биде Борче Николовски а за книгата ќе зборуваат и Александар Прокопиев и издавачот Дејан Трајкоски.

Промоцијата во Атина, пак, ќе се случи во понеделник, на 29 септември 2025 година, во 19 часот. Книгата „30 современи грчки автори“ ќе биде претставена во книжарницата Вакхикон во Атина. На настанот ќе присуствува и ќе упати поздрав советникот на Амбасадата на Северна Македонија во Грција, Борис Мирчевски. За книгата ќе зборува издавачот, Несторас Пулакос. Поетеси и поети застапени во книгата ќе читаат свои песни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни