Точно четири години по почетокот на целосната инвазија, војната во Украина останува најголемиот вооружен конфликт на европско тло од 1945 година. Нападот на Русија во февруари 2022 година означи најразорната фаза од агресијата што започна уште во 2014-та, кога беше анектиран Крим.
Руските сили влегоа во Украина од повеќе правци – од територијата на Русија, Белорусија и окупираниот Крим – со брз продор кон главниот град Киев. Во првите денови се чинеше дека падот на градот е прашање на време, особено поради репутацијата на руската војска како речиси непобедлива сила.
Но Киев никогаш не падна. Преживувањето на првиот удар останува еден од највпечатливите моменти на војната.
Илјадници цивилни жртви
Според податоци на мисијата на Обединетите нации за човекови права во Украина, од февруари 2022 година загинале повеќе од 15.000 цивили, а над 41.000 се повредени. Реалниот број, според меѓународни извори, веројатно е значително поголем.
Проценките за воените жртви варираат. Според анализи на меѓународни истражувачки центри, вкупниот број загинати, ранети и исчезнати војници од двете страни се приближува кон 1,8 милиони.
Буча – симбол на бруталноста
Малиот град Bucha, оддалечен околу 24 километри од Киев, стана симбол на воените злосторства. По повлекувањето на руските сили, украинските единици пронајдоа тела на цивили на улиците, во подруми и разурнати куќи. Украинските власти тврдат дека таму биле убиени околу 300 жители.
Слични сцени беа документирани и во Ирпин, каде по ослободувањето биле пронајдени стотици тела на цивили.
Напади врз цивилни цели
Еден од најсмртоносните напади врз цивили беше ракетирањето на железничката станица во Краматорск во април 2022 година, кога загинаа повеќе од 50 лица кои чекаа евакуација.
Опсадата на Мариупол беше меѓу најразорните епизоди од војната. Нападот врз градскиот театар, каде цивили бараа засолниште, однесе стотици животи.
Покрај тоа, руските сили систематски ја гаѓаа енергетската инфраструктура – електрани, трафостаници и далекуводи – што доведе до масовни прекини на струја и греење во зимски услови, со температури до –20 степени.
Депортации и меѓународна одговорност
Според украинските власти, околу 20.000 украински деца биле присилно одведени на територија под руска контрола. Поради ова, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Путин, обвинувајќи го за незаконска депортација и присилно преместување деца.
И покрај демографската, економската и воената надмоќ на Русија, Украина покажа изненадувачка издржливост. Наместо брз колапс, следеше мобилизација каква Европа со децении не видела.
Во есента 2022 година украинските сили изведоа успешна контраофанзива во регионот на Харкив, ослободувајќи значителни територии.
Војна со дронови и технолошка иновација
Украина разви нов модел на војување, комбинирајќи цивилна технологија, комерцијални дронови и дигитални платформи.
Кога Русија почна масовно да користи ирански дронови „Шахед“, украински инженери поставија мрежа од околу 10.000 микрофони ширум земјата за нивно откривање преку звук.
Една од најкомплексните акции беше операцијата „Паутина“, во која украинската служба за безбедност изведе напад со FPV-дронови длабоко на руска територија, нанесувајќи значителна штета на руската воена инфраструктура.
Змискиот остров и Црното Море
Змискиот остров стана симбол на отпорот во првите денови од војната. Иако првично падна под руска контрола, Украина со месеци го напаѓаше островот и на крајот руските сили се повлекоа.
Клучен момент беше потонувањето на руската крстосувачка „Москва“ во април 2022 година – силен воен и симболичен удар врз руската морнарица.
Четири години подоцна
Четири години по почетокот на инвазијата, војната останува приказна за разурнување, злосторства и длабоки трауми што ќе ги обележат генерациите.
Но истовремено, тоа е и приказна за нација која, соочена со посилен противник, успеа да ја зачува својата државност преку комбинација од воена адаптација, технолошка иновација и општествена мобилизација.