Во време кога луѓето „дипломираат“ на Фејсбук, таа уште стои зад скромна тезга со книги и верува дека без вистинско образование сме ништо. Љубовта кон книгата ѝ била и останала примарна работа во животот. Нејзиниот пат не бил лесен – без поддршка од партнерот, сама, со книгите како единствени сојузници. За неа, улицата не е само простор туку предизвик, иконоборство, отпор. Кога првпат застанала зад тезгата, ја чекале различни временски услови, непријателски погледи, но и случајни минувачи што, како таа, се барале себеси преку читање.
Светлана Христова Јоциќ напиша за неа, еден странски поет ѝ посвети песна. Соња Иванова е жива културна архива, совест на градот, неофицијален библиотекар на улицата, фигура што стои на раскрсницата меѓу минатото и иднината.

Ова е нејзината приказна.
Трн: Што ве држи скоро 40 години на истото место, дали е тоа навика, љубов или нешто трето?
Соња: Најверојатно е љубов, книгата за мене е примарна работа во мојот живот и сакајќи да ја сочувам да не заврши обично кај што завршува тоа го работам 40 години и покрај тоа што немав поддршка од партнерот, јас си одев по мојот пат!
Трн: Колку го сакате градот, покрај книгата?
Соња: Скопје го сакам, ама старото Скопје го сакам, ова Скопје не го сакам. Го сакам исто колку книгата, меѓутоа мислам дека треба да се направи нешто во врска со тоа.

Трн: Од кога е вашата љубов со книгите?
Соња: Бидејќи јас премногу ги сакам книгите, сакам да читам, читам од свои 4 години, благодарение на мојот брат, бидејќи во мое време книгите беа ограничени и тешко се наоѓаа, меѓутоа брат ми бидејќи беше повозрасен од мене, постојано читаше и носеше книги дома, така што сите класици ги прочитав на мои 12, 13 години. Е тоа е огромна љубов, е сега кога решив да го работам ова, во почетокот беше многу страшно и тешко. Не бев навикната дека ќе се соочам со милијарда проблеми, од временски услови и од човечки односи. Меѓутоа секој ден учев нешто ново и успеав да опстанам.

Трн: Дали книгите ви дадоа моќ да опстанете?
Соња: Секако, само тоа, ништо друго! Другото е многу тешко ако почнам да ви раскажувам
Трн: Дали се доживувате како статусен симбол на културата во градот?
Соња: Во секој случај затоа што јас децата што растеа со мене, јас растев со нив. Значи сите ги знам што поминале, што купувале книги, што биле воодушевени што можат да најдат тука одредени наслови што никаде на друго место не можеле и тоа ми е една голема благодарност и среќна сум заради тоа.

Трн: Кои книги денес најчесто луѓето ги бараат? Дали се тоа класици, бестеселери?
Соња: Нема тоа правило, различни возрасти, различни побарувања. Значи возрасните луѓе бараат книги од нивното време, новите генерации што се, јас ги викам индиго генерации бараат друга литература, меѓутоа меѓу нив има деца кои што ја сакаат класиката, што мене многу ме радува, затоа што класиката е фундаментот. Ако не ја истражиш класиката, ако не ја воочиш, ако не ја примиш, не можеш да скокаш, значи имаш сосема друг впечаток за нештата и друго образование, основата е во класиката. Кога ќе ја запознаеш класиката, сите други книги не ќе можеш да ги читаш, ќе ти бидат многу евтини.

Трн: Зборуваме многу дека денешните млади не читаат. Дали е тоа мит или вистина, од ваш агол?
Соња: Не би рекла дека не читаат, туку би рекла дека читаат погрешни книги.
Трн: Дали некогаш сте забележале кај определени луѓе како книгата ги променила?
Соња: Мислите пораснала, се надградила, така и треба да биде. Значи во моето време, кога читавме ние како деца и тинејџери, сите книги на Бронте, Мирјам беа како почетната ставка, меѓутоа тоа треба да остане таму каде што се почнува и да се оди понатаму. Тоа е поентата во читањето, а не постојано да стоиш на исти книги, не е тоа тоа.

Трн: Кои ви се топ автори на кои постојано се нараќате?
Соња: Штајнбек, Толстој одредени книги, Достоевски секако, тој се бара во сите возрасти, зошто не знам, на некои автори книгите им личат едни на други, се повторуваат, особено за психологијата, Хесе, Кафка…
Трн: Што мислите околу дигиталното време?
Соња: Не ми се допаѓа тоа мене! Не е тоа чувството, не е исто, не можеш да го насочиш вниманието кон дејствието, бидејќи цело време си под дејство на екранот, на светлоста, на малите букви, не не е исто! Книгата е фетиш! Нема споредба..
Трн: Ако некогаш исчезне печатената книга, што мислите дека ќе изгуби човештвото?
Соња: Ќе го изгуби чувството за припадност, дали го знаете Реј Бредбери, за мене тој е број еден автор. Реј Бредбери ја претскажа иднината, односно во почетокот на 20 век говореше за ова денес што се случува. Што значи тоа? Дека книгата ќе биде конспиративна, ќе се чита само на одредени места, дека со светот ќе владеат одредени луѓе и во сите домови ќе има видеобимови од каде што ќе бидат контролирани. Тоа беше предвидувањето на Реј Бредбери и тоа се остварува, меѓутоа не остави простор да каже дека книгата сепак ќе се случува, јас не мислам дека ќе исчезне!

Трн: Дали градот се однесува со почит кон културата денес?
Соња: Кон мене не! За другите не знам. Не мислам дека културата е правилно застапена толку колку што е потребна. Затоа што постојано вие ги гледате по телевизии сите тие манифестации, се говори за Блаже Конески, се говори за јазикот, за идентитетот ама тоа не се почитува, не се одржува. Како ти говориш за нешто што не го протежираш, јас тоа не го разбирам. Културата е олицетворение на секоја нација, ако ја немаш, ти што имаш? Еве кон мене да речеме, во моите 40 години на ниеден од тие што беа на владеење во тој момент, не им текна дека треба да направи во градот антикварна продавница. Антикварната продавница е многу потребна за нашето опстојување. Ти не можеш сите книги да ги сочуваш, ама има некој антиквар кој што се грижи за тоа, тоа е неминовно, ама очигледно дека се нема слух.
Трн: Кога ќе погледнете во очите на човек што бара книга, дали знаете дали се бара себеси, да најде приказна или некои одговори?
Соња: Е како не, веднаш знам. По мимиките, по погледот, по говорот на телото
Трн: Околу новата тезга?
Соња: Значи јас додека работев на Плоштадот имав една тезга која беше од претгодната постава и јас бев многу среќна што некој се сетил на тоа да го направи, меѓутоа погрешен беше изборот на тезгите, на луѓето затоа што една тезга за книги треба да изгледа вака, а не отворена, атоа што ветер еден и се ќе уништи тоа траеше до оваа година зимата, бидејќи тезгите веќе беа распаднати, искршени моите книги беа покриени со најлони. Неколку пати ми беше ветено дека ќе се направат нови тезги, меѓутоа ништо од тоа не стана и се случи еден ден да дојдат луѓе од Градот коишто со булдожери ми ги уништија сите книги. Тоа беше страшно, нешто што успеав да спасам, собрав, другото заврши во депонија. Никој не дојде ни да ме праша ни да ми каже зошто тоа се прави, никој не се ни претстави. Потоа имаше конкурс од општина центар и конкурирав и ми го доделија местото.

Трн: Што е за вас најголем успех?
Соња: Семејството и децата да ги гледаш да ти растат и да ти бидат среќни!