Чести грешки поради кои апаратите во домот ви се расипуваат побрзо

Мали навики и „онлајн трикови“ кои тивко го скратуваат животниот век на машините што секојдневно ги користиме

Апаратите во домот – машината за садови, шпоретот, пералната или блендерот – претставуваат значајна инвестиција и сосема е природно да очекуваме да ни траат долго. Иако квалитетните уреди се произведени за долготрајна употреба, во секојдневието често правиме грешки кои несвесно им го скратуваат работниот век. Дел од нив изгледаат безопасно, а дел се резултат на „корисни трикови“ што ги гледаме онлајн, но во пракса можат да предизвикаат сериозни оштетувања.

Една од честите грешки е ставањето садови со налепници во машината за садови. Под дејство на топлата вода и детергентите, налепниците се одлепуваат и можат да завршат во филтерот, со што со тек на време се зголемува ризикот од затнување и дефект. Слично е и со собирањето долги влакна или крзно од домашни миленици со правосмукалка. Тие лесно се заплеткуваат околу ротирачките делови и можат да ја оштетат машината, па затоа е побезбедно прво да се соберат рачно.

Често се занемарува и заштитата на пералната при перење долна облека. Металните делови на градниците и сличните парчиња, доколку не се перат во заштитна торбичка, можат постепено да ја оштетат внатрешноста на машината. Истовремено, многумина ги ставаат сите делови од блендерот во машина за садови, иако не секој модел е наменет за такво миење. Жешката вода може да ја оштети пластиката и сечилата, а честопати и да не ги отстрани целосно остатоците од храна.

Кај шпоретите со стаклена или керамичка плотна, лизгањето на тавите и тенџерињата по површината остава трајни гребаници кои не можат да се отстранат. Дополнителен ризик е користењето рачен блендер директно во врела храна, бидејќи високата температура може да го оштети моторот и пластичните делови на уредот. И микробрановата печка често се занемарува – доколку не се чисти редовно, остатоците од храна со повторно загревање се стврднуваат и со време можат да ги оштетат внатрешните ѕидови.

Конечно, една од најчестите грешки е експериментирањето со онлајн трикови за чистење без да се земе предвид упатството од производителот. Она што функционира кај еден модел, не мора да биде безбедно за друг. Затоа, најсигурниот начин за подолг век на домашните апарати останува внимателното користење и почитувањето на препораките за одржување – мали навики што на долг рок прават голема разлика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни