Чешките даброви завршија проект вреден 1,2 милиони евра – и тоа бесплатно!

Дабрите во заштитеното подрачје Брди во Чешка ги подигнаа екосистемските услуги на сосема ново ниво, заштедувајќи 1,2 милиони евра на властите, пренесува Klima101.

Додека администрацијата се занимаваше со бирократија и чекаше дозволи за веќе одобрениот проект за изградба на брани, овие вредни животни ја завршија работата речиси преку ноќ.

Со довлекување гранки, група од околу осум даброви за само еден месец создаде влажно живеалиште, совршено погодено за ретки видови ракови, жаби и други организми што зависат од мочуришните предели.

Дабрите го завршија проектот пред луѓето

Она што е уште поинтересно е дека го избраа совршеното место – на стара воена обиколница, изградена од војници со цел да го исушат просторот. Проектот за обновување на водните површини беше предвиден да ја исправи таа грешка, но пред да пристигнат машините и работниците, дабровите веќе ја завршија работата.

Проектот за ревитализација на ова заштитено подрачје се планирал уште од 2018 година. Иако биле обезбедени средства за изградба на нова брана што ќе го реши проблемот со водата, реализацијата била во застој цели седум години поради сложените административни процедури.

„Војната управа за шуми и управата на сливот на реката Влтава долги години преговараа околу проектот и сопственоста на земјиштето“, објаснува Бохумил Фишер, раководител на Управата за заштитеното подрачје Брди.

„Дабрите ги победија – и ни заштедија 30 милиони чешки круни! Тие ги изградија браните без никаква проектна документација и тоа сосема бесплатно.“

Дабрите – природни инженери со огромно влијание

Овие полуводни глодари се сметаат за единствената животинска врста, покрај луѓето, што толку драстично може да го измени своето живеалиште.

Со своите силни заби, тие сечат дрвја и расчистуваат шумски подрачја, користејќи дрво, камења и кал за изградба на брани. На овој начин создаваат „даброви езера“, кои им служат како извор на храна и заштита од предатори, но истовремено претставуваат дом за многу други животински видови.

Покрај тоа што помагаат во зачувување на биодиверзитетот, нивните конструкции имаат уште една клучна улога – го забавуваат протокот на водата, со што се намалува ризикот од поплави низводно. Освен тоа, нивната активност придонесува за подобрување на квалитетот на водата и складирање на јаглерод.

Најголемата брана изградена од даброви се наоѓа во еден национален парк во Канада и има должина еквивалентна на седум фудбалски игралишта. Таа е толку голема што може да се види и од вселената!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни