Чешка вечер на „Охридско лето“: Светскиот пијанист Лукаш Вондрачек со рецитал во црквата „Св. Софија“

Вечерва, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, публиката ќе има исклучителна можност да ужива во рецитал на еден од највпечатливите пијанисти на својата генерација – чешкиот виртуоз Лукаш Вондрачек. Концертот ќе се одржи во автентичниот амбиент на црквата „Св. Софија“ со почеток во 21 часот.

Вондрачек, добитник на престижната Гран при награда на Меѓународниот натпревар „Кралица Елизабета“ во 2016 година, веќе две децении настапува на најголемите светски сцени. Соработува со славни оркестри од САД, Европа и Азија – меѓу нив се филхармониите во Филаделфија, Чикаго, Токио, Лондон и Осло – како и со имиња како Паво Јерви, Марин Алсоп, Јаник Незет-Сеген, Класу Мекела и други.

Оваа сезона се истакнува со настапи со Симфонискиот оркестар на Луцерн, на фестивалот посветен на Дворжак во Прага, како и на турнеја низ Азија со оркестарот од Бамберг под палката на Јакуб Хруша.

Охридската публика ќе има можност да го проследи во солистичка изведба на следната програма:

  • Јоханес Брамс: Седум фантазии, оп. 116
  • Александар Скрјабин: Фантазија во h-moll, оп. 28
    (пауза)
  • Антонин Дворжак: Хумореска, оп. 101 бр. 7
  • Роберт Шуман: Хумореска, оп. 20

Концертот се реализира како дел од тематската „Чешка вечер“ на фестивалот, а билетите се достапни по цена од 600 денари.

Со врвниот музички квалитет и внимателно одбрана програма што ги поврзува германскиот романтизам и чешката класична традиција, овој концерт ветува да биде една од највпечатливите вечерни случувања на „Охридско лето“ годинава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни