„Ние, уметниците, понекогаш можеме да направиме нешто добро и без пари, но театарска зграда не може да се направи без ништо“, изјави Ријани, повикувајќи ги институциите конечно да одговорат на гласната потреба на градот – нова театарска зграда.
Ова не е првпат Прилеп да ја бара таа основна културна алка. Во анкета на Трн.мк спроведена меѓу прилепчани, граѓаните беа едногласни: „Прилеп заслужува театар“. Без разлика на возраста или професијата, сите се согласија дека градот, кој важи за еден од најважните центри на македонската театарска култура, не смее веќе да живее без сопствен дом за театарот.
Иронијата е очигледна: Прилеп е домаќин на најзначајниот национален театарски фестивал, а нема функционална театарска зграда. Гостите на фестивалот од целата земја и регионот секоја година уживаат во богатата и квалитетна програма, во грижливо подготвената организација, но културната инфраструктура останува болна точка. Ријани ја нарече ситуацијата „убава и тажна во исто време“.
Фестивалот „Чернодрински“ е симбол на континуитет, истрајност и љубов кон театарот. Тој е доказ дека креативноста може да победи и во елементарни услови. Но токму затоа, тој заслужува повеќе.
Во година кога МНТ слави 80 години, а Македонскиот театар добива признанија од регионални и европски сцени, парадоксално е што Прилеп, градот во кој се гради идентитетот на македонскиот театар, сè уште нема каде достоинствено да ја негува таа традиција.
Нека оваа 59. фестивалска вечер биде потсетник и повик: културниот капитал на Прилеп заслужува вистински простор. Не само фестивалот, туку и сите оние млади актери, режисери, волонтери и публика што одново и одново докажуваат дека Прилеп дише театар. Време е и градот конечно да добие театарска зграда што ќе му доликува.