Англискиот фудбалски клуб Челси синоќа успеа да го совлада фаворизираниот тим на ПСЖ со убедлива победа од 3:0 и со тоа станаа прв шампион на Светското клупско првенство каде се натпреваруваа 32 клуба.
Но, покрај задоволството да го подигне трофејот на првото Светско клупско првенство во овој формат, клубот од Лондон заработи и неверојатна сума на пари.
Со победата на Челси му припадна заработка од 111 милиони евра (129 милиони долари), сума која ќе покрие голем дел од трошоците за трансфери на клубот ова лето.
Иако Светското клупско првенство имаше свои критичари, вкупниот буџет од неверојатни 1 милијарда долари звучеа привлечно за клубовите кои учествуваа во турнирот.
Сумите кои им беа доделувани на клубовите беа одредувани со систем на рангирање, базирано на спортски и комерцијални критериуми, што значи дека некои беа наградени со поголеми буџети од другите.
На пример, на европските клубови им беа доделени суми меѓу 12 и 38 милиони долари, само за нивното појавување на турнирот, додека тој буџет беше околу 15 милиони долари за клубовите од Јужна Америка, нешто помалку од 10 милиони долари за Северна и Централна Америка, Азија и Африка и околу 4 милиони долари за Океанија.